ФОН ДЕР ЛАЈЕН : ИЗБОРОТ Е ВАШ, СЕ НАДЕВАМ СИТЕ ПАРТИИ ЌЕ ГИ ПОДДРЖАТ УСТАВНИТЕ ПРОМЕНИ БИДЕЈЌИ СЕ РАБОТИ ЗА ВАШАТА ИДНИНА

0
435

Прашана дали во ЕК веќе се разгледува француско-германскиот предлог за реформа на ЕУ, и дали во 2030 година, со оглед на претстојните европските избори е достижна за ваква длабока реформа на Унијата и дали 2030 е достижна за ЕУ исто како што е достижна и за земјите од Западен Балкан да го завршат својот дел од обврските, таа одговори дека „сега работите навистина се менуваат на подобро и сега гледаме вистинска динамика и момент во процесот на проширување“.

-Сакаме Западен Балкан да се приклучи кон ЕУ, а за тоа вие треба да се подготвите и ние треба да се подготвиме. Добро е што сега започна конкретна дискусија во ЕУ што треба ние да направиме за да бидеме подготвени, кои се прашањата што се отворени, кои се одговорите што треба да ги дадеме. Ова не беше случај во текот на минатиот мандат. Нешто значително се промени во овој мандат и работите стануваат конкретни. И затоа, мојата молба и охрабрување за движење напред во различните држави од Западен Балкан затоа што ова навистина е прозорец на можности што сега е отворен. Овој процес не е толку строг. Тој се заснова на заслуги и никој не мора да чека одреден датум. Може да бидете и побрзи. Колку е подобар процесот на реформи толку побрзо ќе дојде можноста за пристапување и тоа е навистина важно. Има прозор на можности што е отворен и ајде заедно да го искористиме овој момент, нагласи Фон дер Лајен.Во однос на уставните измени што се неопходни за следната фаза во преговорите, таа рече дека Северна Македонија е суверена држава која што ги прави сопствените избори.

-Изборот е ваш. И затоа, вистина се надевам дека сите страни, сите партии ќе го искористат тој момент и ќе ги поддржат уставните промени затоа што се работи за вашата иднина, за вашиот избор и сите партии имаат одговорност за иднината на Северна Македонија. Ние сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ и се надевам токму поради тоа дека движењето напред ќе биде добро и ќе биде поддржано од широко мнозинство, истакна таа.

Во одговор на прашањето зошто нема да се сретне со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со оглед на неговата изјава дека има очекувања од нејзината посета на државава, а тоа се безусловни преговори од страна на ЕУ, и дали е можно да добиеме безусловни преговори, а процесот на уставни измени да биде решаван во текот на преговорите, Фон дер Лајен повтори дека „уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапување кон ЕУ“.

-Уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапување кон ЕУ и неверојатно е навистина она што Северна Македонија досега го има постигнато и затоа навистина посакувам Северна Македонија да продолжи да се движи напред со решителност, со страст, со големи успеси на пристапниот пат. Каде и да сум обично се среќавам со шефот на државата и на Владата зависно од уставниот поредок. Ова е случај со моето патување во Западен Балкан, но тоа е случај со сите мои други посети и патувања кога посетувам земји членки постои правило дека се среќавам со шефот на државата или со премиерот на државата, одговори Фон де Лајен.По завршувањето на прес-конференцијата, таа со премиерот Ковачевски ќе ја посетат фабрика за преработка на овошје и зеленчук во близина на Скопје, корисник на средства од ИПАРД програмата финансирана од ЕУ.