УНИШТЕНА ШУМА СТАРА 70 ГОДИНИ, МИЈАЛКОВИ ЌЕ ГРАДАТ ЛУКСУЗЕН ХОТЕЛ ВО ОХРИД НАД ГОРИЦА 3

0
718

Во Охрид, над Горица 3 започнува градба на хотел, а за таа цел е унишена стара шума над 70 години која ја засадиле жители на Охрид при тогашни акции за пошумување.

Со реакција се јавија и од Иницијативата „О2“ од каде прашуваат кој и зошто го продал државното богатство кое во минатото макотрпно се пошумувало.

Тие информираат дека земјиштето е во сопственост на Александар Ивановски и компанијата БЕСТ ВЕЈ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје, која е во сопственост на Јордан Мијалков, син на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.

„После долго време планираниот хотел започнува да се гради. Макотрпно човечки пошумениот рид во минатиот век, продаден пред 10ина години, површина од 15.778 м2, раскрчмен, во сопственост на ДИВЕЛОП ГРУП ДОО Скопје на Мијалкови, во чија сопственост е и хотелот Мериот на плоштадот Македонија во Скопје. ДИВЕЛОП ГРУП официјално на хартија е во сопственост на Александар Ивановски – познат како Алек Теранова и БЕСТ ВЕЈ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје, во сопственост на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков.

Прашања кои се наметнуваат: Кој и зошто го продал ова државно богатство кое во минатото педа по педа макотрпно се пошумувало? Кој издал дозвола? Врз основа на каков план? Дали била транспарентна и правилна постапката за издавање на дозволата?“, велат од О2.