ТРЕНЧЕВСКА : УСПЕШНО ЗАВРШУВААТ САМО ИНИЦИЈАТИВИТЕ КОИ ПОЧНУВААТ СО АМБИЦИОЗНИ И ПОСВЕТЕНИ ПАРТНЕРИ

0
230

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес се сретна со претставниците на извидниците кои беа дел од тимот кој ја спроведуваше глобалната иницијатива „Walk and Talk“ во нашата држава. Иницијативата беше спроведена од страна на Министерството за труд и социјална политика во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи.

Во иницијативата беа вклучени над 500 млади луѓе на возраст помеѓу 15 и 25 години во период од 3 месеци. Настаните беа спроведени во 16 општини ширум државата.

На средбата меѓу министерката и извидниците беше разговарано за собраните искуства и посочените потреби на младите од настаните кои беа организирани, замислени како пешачки тури.

Извидничката Снежана Јанковиќ истакна дека пријатната атмосфера која беше присутна за време на настаните гарантираше безбеден простор за секој млад човек да може да ги истакне предизвиците со кои се соочува и понекогаш дури и да сподели решение кое може да им користи и на другите присутни.

Тренчевска се заблагодари за добрата соработка од 3 месеци, за иновативните патеки и активности кои ги подготвија извидниците и за нивната вклученост во логистичкиот дел на изведување на активностите.

„Млади и посветени лица како вас се почесто треба да бидат присутни во јавноста. Вашиот ентузијазам и љубов кон работата треба да го одликува секој млад човек. Само на таков начин се прават промени во општеството. А иднината останува на кого ако не на вас младите“ рече Тренчевска.

На крајот од средбата беа изразени и желби за понатамошна соработка и продолжување на иницијативата „Walk and Talk“ поради позитивниот ефект и влијание кое го имаше врз младите.