ТРЕНЧЕВСКА : ВЛЕЗ НА ДОПОЛНИТЕЛНИ 74 ДЕЦА ВО ПРЕДУЧИЛИШНИОТ ПРОЦЕС СО ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ ОБЈЕКТ НА ДЕТСКАТА ГРАДИНКА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ВО ПРОБИШТИП

0
328

 

Жителите на Пробиштип добиваат дополнителен објект на градинката „Гоце Делчев“, со кој на уште 74 дечиња до шест-годишна возраст од овој град им се овозможува пристап до квалитетна социјална услуга за ран детски развој.Во изградбата и опремувањето на новиот објект, што ќе го носи името „Срничка“, се вложени над 31 милион денари. На отворањето на новиот објект што ќе функционира во состав на градинката „Гоце Делчев“ во Пробиштип присуствуваше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

„Од 2017 година, со доаѓањето на оваа Влада предводена од СДСМ, до денеска, изградивме и отворивме вкупно 81 нови објекти за предучилишно воспитание и образование, со вкупен капацитет за прием на  5417 деца, како и 12 Центри за ран детски развој за 400 деца. На ваков начин овозможивме пристап за нови над 5800 деца во системот за предучилишно образование и сме на чекор од остарување на нашата програмска цел, а тоа е до 2024 година опфатот на деца во градинките и во центрите за ран детски развој да го зголемиме за нови 7.500 места. Ова е најдобар показател за нашата посветеност во вложувањата во развојот на децата, како наш најдобар влог и инвестиција во иднината на земјата“, истакна премиерот Ковачевски.

Оваа доградба е дел од вкупно 16-те нови детски градинки чија изградба се реализира преку компонентата 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го имплементира Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка, како интегрален дел од севкупната социјална реформа на Владата. 

„Со доградба, проширување и модернизација на постојните градинки како оваа во Пробиштип, како и со изградбата на нови детски градинки ширум земјата, покажавме дека социјалната реформа што како влада и ресорно министерство ја креиравме и ја спроведуваме,  со цел да обезбедиме подобар систем на социјални услуги за граѓаните, поголема грижа за најмладите и подигнување на квалитетот на условите во градинките, станува реалност. Само преку Проектот за подобрување на социјалните услуги беше предвидено да се изградат вкупно 16 нови детски градинки, од кои 10, вклучувајќи го и овој објект, на наше големо задоволство, веќе се завршени и отворени. Верувам дека до средината на следната година ќе бидат отворени и преостанатите шест нови градинки. На тој начин, само преку овој Проект, во чија реализација се инвестирани околу 12,8 милиони евра, државата значително го зголеми капацитетот на системот за предучилишно образование, овозможувајќи  прием на дополнителни над 1900 дечиња во градинките ширум земјата“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Покрај зголемувањето на капацитетите за згрижување на децата, изградбата на новиот објект овозможи и отворање на 25 нови работни места за стручен персонал кој ќе се грижи и ќе учествува во воспитниот процес на децата.Искажувајќи големо задоволство од реализацијата на овој проект, што меѓу друго се должи и на одличната соработка помеѓу централата и локална власт, градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов посебно го истакна значењето на новиот објект кој ќе овозможи зголемување на капацитетот на постојната градинка, што е од голема полза за граѓаните на Пробиштип и претставува исполнување на нивните потреби и барања, особено на младите родители од овој град.  

Инаку, новиот објект „Срничка“ во Пробиштип, како и останатите градинки во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, е изграден според најсовремени стандарди за ваков вид објекти, вклучувајќи ја и неговата енергетска ефикасност.

Доградбата вклучува две нови простории – јасли, за згрижување на деца до двегодишна возраст, како и две нови простории за згрижување на деца од две до шест години кои се опремени со нови дидактички материјали, мебел и друга современа опрема која овозможува безбеден престој на децата и ефективно учење низ игра, информираше директорката на градинката „Гоце Делчев“, во чии состав ќе биде и доградбата „Срничка“, Љупка Јаневска.

Компонентата 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги, во чии рамки се реализира изградбата на оваа доградба, има за цел да го зголеми пристапот до квалитетни услуги за ран детски развој, преку подобрување на услугите за предучилишно образование, зголемување на пристапот до квалитетни и енергетски ефикасни предучилишни установи и обезбедување на најдобри можности за учење и образование, соодветно на возраста на децата. Во рамки на оваа компонента, се спроведуваат и активности за зголемување на квалитетот на услугите во предучилишните установи преку унапредување на наставните програми, обуки на кадарот и поттикнување на родителите и семејствата за поддршка на холистичкиот пристап во развојот на децата.