ТОДОРОВ : СТРАШНО Е ТОА ШТО СЕ ЗБОРУВА ДЕКА СЕ СЛУЧИЛО НА ОНКОЛОГИЈА, НО УШТЕ ПОСТРАШНО Е ШТО НИКОЈ СО СИГУРНОСТ НЕ МОЖЕ ДА ПОТВРДИ ШТО ТОЧНО СЕ СЛУЧИЛО

0
406

Единствената работа на која што треба да се инсистира во овој случај е секоја информација да се истражи и да се утврди што е вистина, а што е намерно или ненамерно пласирана дезинформација, за да се постигне некаква корист, смета поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров во врска со случајот за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија.

Во своето сведочење пред Анкетната комисија во Собранието, тој рече дека треба да се испита каде затаил системот.

-Страшно е тоа што се зборува дека се случило на Клиниката, но уште пострашно е што до денес, никој со сигурност не може да потврди што точно се случило и ако има некои незаконски дејствија кои се, и од кои мотиви некој истите ги сторил – рече тој.

Тодоров ги наведе тумор-бордовите како и клиничката патека за дијагностицирање и лекување на малигни болести како клучни за правилно лекување на пациентите. Додаде дека ова требало да биде надополнето и со КАТО системот, и рече дека е штета што тој престанал да функционира, наместо да се надградува.

Поранешниот министер повика на одговорност и затворање на овој случај, како што рече, „од правен аспект“.

Тодоров по излагањето одговараше на прашања на претседателката на Анкетната комисија за Онкологија и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, како и на повеќе пратеници, во однос на функционирањето на Клиниката за онкологија, набавката на лекови, КАТО системот, трошењето на средствата од буџетот на јавните здравствени установи и друго.

Комисијата денеска ги сослуша и поранешниот заменик-министер за здравство Јовица Андоновски и државната советничка вработена во Министерство за здравство, Гордана Мајнова. Пред Анкетната комисија, која треба да утврди политичка одговорност за скандалот со терапијата на Онкологија, зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешните министри за здравство Венко Филипче и Беким Сали, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување, Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Магдалена Филиповска Грашковска, поранешните заменици-министри за здравство Илир Хасани и Владимир Рендевски и акутелната заменик-министерка за здравство, Маја Манолева.

Одлуката за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа клиника, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.

Наводите за злоупотреба немир кај пациентите, реакции во јавноста и низа протести.