ТАРАВАРИ ЗА ОБВИНУВАЊАТА НА НИКОЛОСКИ : КУЌАТА ЈА КУПИВ ВО 2021, ПОСТАПКАТА Е ЧИСТА!

0
799

Имаме и доста за реновирање, а кредитот, здравје, ќе го плаќаме подолго време, вели лидерот на АА Арбен Таравари во изјава за „Фокус“, откако Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ го обвини дека стекнал куќа во Тафталиџе од 256 квадрати за само 150.000 евра, а воедно изрази сомнеж дали воопшто е реализирана трансакција.
Навистина ми е жал што преку овие изјави, а и преку многу други нешта, ВМРО-ДПМНЕ се враќа во духот на „груевизмот“, препознатлива е таа реторика „сите се лоши и нечесни“, освен тие самите, коишто уживаат во луксуз на различни нивоа.

Вака лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари му одговара на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој денес во Собранието праша дали луксузна куќа во Тафталиџе, која, според Николоски, Таравари ја добил на поклон, е причина за влезот на Алијанса во Владата?
Според Таравари, се работи за, како што вели, прилично инфантилни обвинувања коишто, додава тој, лесно се прелеваат и во медиумите, без да се консултира другата страна. „Фокус“ веднаш побара коментар од Таравари во врска со ова сериозно обвинување изнесено во Законодавниот дом, при што тој го даде следниот одговор:

„Куќата е купена во 2021 година, постапката и документацијата за купопродажба е во целост чиста. Имаме и доста за реновирање, а кредитот, здравје, ќе го плаќаме подолго време. Ве канам на кафе во својот дом и да видите за што станува збор. Се надевам дека тие што обвинуваат еден ден и самите ќе дозволат да ѕирнете во нивното секојдневие. Па, и да направите споредба…“.
Претходно, Николоски во Собранието го оцени влезот на АА во владата како политичка проституција и политичка корупција. Притоа, тој праша дали се работи за уцена со цел влегување во Влада?