СУДСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА БАРА ПОВИСОКИ ПЛАТИ, ОД 1 СЕПТЕМВРИ НАЈАВУВА ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК

0
406

Со транспаренти со натписи „Европски плати за нас и за вас“, Независниот синдикат на државната администрација (НСДА) и Независен синдикат на судска служба, кој функционира во негов состав, и денеска излезе на протест пред Основниот кривичен суд во Скопје за да го изразат незадоволството поради ниските плати и недобивање додатоци на плата.

Јасмина Величкова, претседателка на Независен синдикат на судска администрација изјави дека денеска повторно се собрале на протест во знак на револт кон вчерашната одлука на министерот за финансии да не ја потпише одлуката на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци, наплата која беше донесена со одлука на 15 проценти и незадоволство од Министерството за финансии за нивните барања за покачување на плата од 30 проценти. Доколку не бидат земени во предвид нивните барање, таа од 1 септември најави одржување на генерален штрајк со блокирање на улици и неиздавање на уверенија за неосудуваност и други документи.

-Ние не се согласуваме со покачување на плата од 10 проценти што Владата и Сојузот на синдикатите го договорија. Исто така, не се согласуваме и со К-15 во висина од 10 илјади денари. Многу револтирачки е што од нашите средства, односно доделени од Судски совет 15 проценти на плата, вчера министерот за финансии ги одби. За да ја појаснам нашата позиција и тоа само во еден сегмент, односно на нашите барања со уделот на нашата работа во буџетот на Република Северна Македонија ќе ви ја илустрирам со бројка – работата на Кривичен суд, и тоа за наплата на паушална сметка на судот.

Во период од 1.1.2023 година до денес наплатени се 13 милиони денари за паушал, за 12 месеци тоа би било износ од 39 милиони денари од паушал. Наплата за такси за уверенија на сметка на буџет на неосудуваност и забрана на дејност во период од 1.1.2023 до денес наплатени се 9.420.000 денари, за 2022 година на сметка на буџетот уверенија наплатени се 16.232.000 денари. Со правосилни одлуки во 2022 година за парични казни во буџетот од Кривичен суд се издвоени 82.597.000 денари, рече Величкова.

Потенцира дека се воведени во ситуација кога именуваните и избраните функционери добија покачување на плата од 78 проценти, на вработените во судската служба им се укинуваат сите додатоци, при што сега, како што рече, има енормна разлика на плати со судството.

-Службеник со судија соодносот еден спрема пет и судија со стручен соработник еден спрема три. Како никогаш досега и никаде во развиениот свет, рече таа.

Според Рената Георгиевска, потпретседател на Здружението на судска администрација, реформите во судската власт треба да почнат од судската служба. Таа апелира и побара поддршка од Судскиот буџетски совет и Здружението на судии да издејствуваат донесување на нов закон за Судски буџет, со кој, како што рече, судската власт ќе има самостоен буџет и донесување на нов закон за судска служба, со кој статусот на судската служба ќе биде регулиран на начин на кој одговара на нејзината работа, должност, права и одговорности.