СУДИЈКАТА ОЛЈА РИСТОВА СЕ ЖАЛИ НА ДИСКРИМИНАЦИЈА ПО ЕТНИЧКА ОСНОВА, ТАА СМЕТА ДЕКА НЕ Е ИЗБРАНА НА АПЕЛАЦИСКИ СУДИЈА ЗАТОА ШТО Е МАКЕДОНКА

0
367

Судијката Оља Ристова бара да реагира Здружението на судии затоа што Судскиот совет не ја почитувал ранг листата и не ја избрал за апелациски судија, без никакво образложение, иако била треторангирана, а најавува и тужба пред Врховен суд за дискриминација по етничка основа.

Судијката Оља Ристова од Основниот кривичен суд бара Здружението на судии во земјава да излезе со јавна реакција во врска со тоа што Судскиот совет не ја испочитувал ранг-листата при изборот на судии во скопскиот Апелациски суд.

Ристова, која беше треторангирана на конечната ранг-листа за избор на апелациски судии од кривичната област, не го доби потребното мнозинство од членовите на Судскиот совет и не беше избрана за апелациски судија. На гласањето доби осум гласа „за“, но не го доби потребното Бадентерово мнозинство, каде што двајца гласаа „за“, а тројца членови на Советот беа „против“.

Таа тврди дека Судскиот совет не ја почитувал ранг-листата и ги прескокнал повисоко рангираните кандидати без притоа соодветно да го образложи таквиот потег. Таа оцени дека изборот на судиите е скандалозен, а оти Судскиот совет мора да се распушти и реформира.

Дополнително, Ристова најави дека одлуката на Советот ќе ја обжали пред Врховниот суд по неколку основи, меѓу другото, и по основа на дискриминација по етничка припадност.Таа јавно го повикува Здружението на судии да реагира на оваа неправилност.

„Имајќи ги предвид целите и задачите на Здружението на судии, и тоа унапредување и јакнење на независноста и самостојноста на судиите и судската власт во Република Северна Македонија, заштита на достоинството и угледот на судијата и судиската функција и јакнење на судиската етика, како член на Здружението и делегат избран од Основниот кривичен суд Скопје предлагам да излезете со ваша реакција по повод изборот на судии во Апелационен суд Скопје“, се вели во барањето на Ристова.