СТАМЕНКОВСКИ ОСТАНУВА ВО ШУТКА, ОДБРАНАТА СЕ ЖАЛИ ДЕКА ДОБИЛ ШЕЌЕР

0
490

Сопственикот на порталот „Доказ.мк“, кого денеска Кривичниот суд го осуди на казна затвор од три години и еден месец останува во притвор во затворот во Шутка.
Иако одбраната барала да му биде одредена поблага мерка, сепак судот донесе решение да му биде продолжен притворот со образложение дека според медицинската документација што ја доставил, медицинскиот тим што му е на располагање во затворот, може да се грижи за неговата здравствена состојба.

Судот остави простор дека доколку до него биде доставена друга медицинска документација која ја менува ситуацијата, да се одлучува повторно за оваа мерка.
Адвокатката на Стаменковски, Марија Најдова Петрезанова најави жалба и на решението за притвор бидејќи му била влошена здравствената состојба.
-Како по однос на пресудата, ќе вложиме и жалба на решението со кое му е продолжен притворот на Марјан со оглед дека навистина е влошена здравствената состојба. Истиот има добиено шеќер, веќе влегува во една група на инсулинска терапија каде третманот не може да биде соодветен во условите каде моментално се наоѓа, изјави Петрезанова.

Стаменковски кој е во притвор во затворот во Шутка повеќе од еден месец, пред извесно време беше префрлен на Клиниката за кардиологија, од каде се врати во притвор на свое барање, а потоа беше префрлен и во Градската болница „8 Септември“ од каде кажаа дека има знаци на срцева слабост.
Во затворската казна што му е изречена ќе му биде засметан и притворот.