КРИВИЧНИОТ СУД ПРАШУВА ЗОШТО АПЕЛАЦИЈА ГИ ЧУВА ПРЕДМЕТИТЕ ПОВЕЌЕ ОД ГОДИНА ЗА НА КРАЈ ДА ГИ УКИНЕ ПРЕСУДИТЕ ЗА ТЕХНИЧКИ ГРЕШКИ

0
521

Од судењето за предметот „Организатори ан 27 април“ во Основниот кривичен суд Скопје. (Фото: СДК.МК)

Апелациониот суд Скопје ја продолжи низата на враќање на пресудени високопрофилни случаи на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје, и според соопштенијата од двата суда, се отвори дилемата – дали навистина се толку нестручни судиите од Кривичен, или пак има злоупотреби кај нивните колеги од Апелација?

Вчера, Апелациониот суд ги укина пресудите и во предметот „Организатори на 27 април“, а претходно тоа го стори со: „Тврдина-таргет“, „Трезор“, “Титаник 2“ „Тортура“ (во сите кај што е осуден Сашо Мијалков), а претходно го имаше вратено назад и предметот „Триста“ и други.

Соопштенијата на Апелациониот суд Скопје за вратените неправосилни пресуди редовно се со забелешки за технички и суштествени грешки во постапката, кои не би ги направил ни студент по право. Од друга страна, според задоцнетото реагирање на Апелација, која првин со месеци и години ги чува високопрофилните случаи во фиока, па дури потоа одлучува да ги врати, излегуваат во право Кривичниот суд и Судскиот совет за три од овие случаи, дека во прашање е злоупотреба на судиската функција од некои поединци во повисокиот суд.

Откако Апелациониот суд Скопје вчера го укина „Организатори на 27 април“, а министерот за правда Кренар Лога го повика Судскиот совет да види кои се тие судии во Кривичен што прават технички и суштествени повреди во постапката, нападнатата страна Основен Кривичен суд Скопје денеска преку соопштение праша зошто не одлучува Апелација веднаш дека е направена грешка, туку првин ги чува тие предмети да стареат?