СПАСОВСКИ НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ОПШТИНИ ОД ТУРЦИЈА И ЗДРУЖЕНИЈА НА МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЦИ

0
533

Денеска (31.07.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одржа работна средба со градоначалниците на турскиот град Тургутлу, Четин Акин, градоначалникот на општината Каршијака, д-р Џемил Тугај, градоначалникот на општина Чашка, Горан Стојановски, како и со претставници од здруженијата на македонски иселеници.

Тема на средбата беа граѓаните со потекло од Република Северна Македонија кои повеќе децении живеат во овие општини во Република Турција, како и за можностите за продлабочување на соработката во духот на традиционално добрите пријателски односи со Турција.

Посакувајќи им топло добредојде во Република Северна Македонија и во МВР, министерот Спасовски изрази задоволство за можноста да се сретнат и поразговараат не само како пријатели, туку и два братски народа, чувство што го делат и граѓаните на двете земји. „Многу ми е драго што нашите граѓани кои живеат во Турција а потекнуваат од тука, се мостот што уште повеќе нѐ зближува сите нас. Сметам дека на нас како држави ни преостанува само да работиме што е можно повеќе ова наше пријателство и партнерство да го зајакнеме и да се стремиме заеднички да создадеме подобри услови за граѓаните на двете држави. Секогаш треба да го почитуваме нашето минато, традицијата и културата, меѓутоа секогаш да размислуваме за иднината.

Им благодарам на сите наши сограѓани кои живеат во Турција, прво, затоа што се лојални на Турција, заради тоа што ја сакаат и почитуваат Турција, но ја сакаат и почитуваат и Република Северна Македонија“, истакна меѓу другото министерот Спасовски. Од страна на гостите од Турција беше изразена благодарност за минатогодишната посета на министерот Спасовски на Измир, меѓу македонските иселеници кои живеат таму, со што лично министерот Спасовски придонел за зајакнување и зближување на двата народа.

Градоначалникот на Каршијака, Џемил Тугај напомена дека локалната самоуправа ќе создаде уште повеќе услови за зголемување на мостовите на пријателство и одржување на културната традиција. „Наша желба е да се формира конзуларно претставништво во Измир“, рече градоначалникот на средбата, а министерот изрази уверување дека во разговор со Министерството за надворешни работи ќе се најде начин нашинците во тој дел да имаат свое место каде ќе можат за било што да се обратат.

Градоначалникот, пак, на Тургутлу, Четин Акин напомена дека во тој дел 30% од вкупното население се македонски иселеници и дека тие прават сѐ за да овозможат децата да учат и да следат културно-уметничка програма од својата земја од каде потекнуваат.

Претставниците од здруженијата на македонските иселеници, пренесувајќи топли поздрави од тие краишта, побараа начин за стекнување со државјанства, на што министерот напомена дека сите оние кои ќе ги исполнат условите, ќе им биде позитивно одговорено на нивните барања.
Министерот Спасовски и во оваа прилика упати благодарност до двајцата градоначалници за поддршката што секојдневно ја даваат на иселениците од Република Северна Македонија во Турција.„Најважната работа е токму во тој дел, да се поддржи и културата, јазикот и традицијата. Тие ако опстојат, опстојува сѐ“, рече Спасовски, изразувајќи задоволство што минатата година беше таму, посебно затоа што е прв министер кој бил и им дал поддршка на нашинците во Измир.