СПАСОВСКИ ЗА „ТВ ПЛУС“: НАСЛЕДИВМЕ ДОЛГ ОД 40 МИЛИОНИ ЕВРА, ГИ ВРАТИВМЕ СИТЕ ДОЛГОВИ, А СО ИСТ БУЏЕТ РЕКОНСТРУИРАВМЕ 78 ОБЈЕКТИ, НАБАВИВМЕ УНИФОРМИ И ОПРЕМА ЗА ПОЛИЦИЈАТА

0
485

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто за „ТВ Плус“ го потенцираше фактот дека реализацијата на капиталните инвестиции во буџетот на МВР е 100%, во година во која реализацијата на капиталните инвестиции е на историски највисоко рамниште од 465 милиона евра на ниво на Влада. „Една од целите на раководството на МВР беше да ја вратиме довербата кај граѓаните во институцијата. За тоа да го постигнеме моравме да создадеме добри услови за работа на полициските службеници, од една страна, и остварување на правата на граѓаните од друга страна. Почнавме со работа уште во старт со мотото ‘МВР за граѓаните’ и ќе продолжиме така и во иднина“, истакна министерот Спасовски.

Спасовски подвлече дека токму во насока „МВР за граѓаните“, беа реализирани капиталните инвестиции сите овие шест години. Тој посебно го истакна фактот дека сето тоа е сработено со буџет на МВР кој во континуитет е идентичен како оној до 2017 година. „При моето преземање на МВР наследивме 40 милиони евра доспеан долг, без ниту еден капитален и инфраструктурен проект, без опрема и униформи за полициските службеници. Со истите пари ги вративме сите долгови, реконструиравме 78 објекти согласно принципите на енергетска ефикасност со што имаме големо и намалување на трошоците. Притоа се набавени и униформи за сите полициски единици, кај некои и по повеќе пати, купена е нова опрема и целосно се изградени нови објекти – ИКТ Центарот во Прилеп и Форензичкиот центар во Скопје“, потсети на остварувањата министерот Спасовски.

Тој ги поврза реализацијата на капиталните инвестиции и поставувањето на вистинските приоритети во министерството со резултатите кои тие ги генерираат.

„Со сите вложувања, инвестирања и поставување на приоритетите во борба со криминалот и корупцијата, дојдоа и резултатите, така што оваа година преку Глобалниот индекс за мир сме најбезбедна земја на Западен Балкан, а на 36 место во светот, имаме скок во транспарентноста од 59% во 2016 година до 91.7% во 2022 година“, Спасовски ги отслика низ бројки некои од фактите, додавајќи дека оваа година за првпат МВР е со зголемен буџет од 6%, средства кои ќе се искористат за понатамошно унапредување на институцијата, зацврстување на довербата на граѓаните и гаранција на безбедноста на сите нас.