ФРЧКО : БУГАРИЈА НИ НАНЕСЕ ТЕШКА РАНА КОЈА ТЕШКО ДЕКА НЕКОГАШ ЌЕ ЗАРАСНЕ!

0
2907

Тажно е ова сè со Бугарија !

Ние, како кучиња скитачи, клоцани и бодени од пред контејнерите на европската надворешна политика ќе издржиме сè,  па и во овој спор и проблемите кои ќе произлезат од него. Но што да се прави, се обидовме сè со Бугарија и она што се чинеше неможно, на граница на понижувачко,  со она што тие го нарекуваат ‚‚длабок спор со нас”. Сега е време полека да ги ‚‚отфикариме” за жал како порано, како во времињата кои мислевме и се боревме да ги промениме на подобро.

Не е ни важно дали Премиерот ќе се бори до крај и нема да се откаже, тоа впрочем  му е работа, тоа од негов аспект е ОК. Но, раната која ја направи Бугарија во нашето поново колективно самоприфаќање, а кое се обидувавме со танталови маки да е и ‚‚пробугарско‚‚ е сурова и тешко ќе се залечи.

Симболично и болно  беше она финално крешендо з Бугарија ја поддржа Албанија , а најблискиот и најбратски народ Нас – не ! А ? Јако и парадоксално е братството драги мои, тоа дави и гуши . Тоа е амбивалентна љубов и не е како пријателството во квир заедниците, ова малку повеќе гуши.

А се отепавме и неколку пара чевли скинавме одејќи по најразличните собири и трибини во Софија, предавајќи долго и нашироко за пропуштените шанси меѓу нас , за времето кое мора да го надокнадиме за врските кои мора да ги воспоставиме. Повикавме неколку прекрасни умови од нивните универзитети да предаваат и отворавме проекти заедно. Неволно, но дозволував да ги отвараат трибините на кои учествував со тоа дека мојата фамилија е од ‚‚старо бугарско праисходство – зографи” само и само да ни тргне, она што навистина го немавме со Бугарите да го воспоставиме во правда и пријателство.

Со неверојатна стратешка непромисленост , со неверојатна ‚‚рунтавост‚‚ ги срушија тие напори и нè вратија децении назад  бугарските политички елити. Со погрешен политички инстинкт воден од деветнаестовековна бескомпромисност на силата на малите балкански доминиони сметаа дека можат да се наметнат на брутален начин и со злоупотреба на европските процедури.  И што направија? Ги направија сите познати бугарски грешки кон Македонија, нè одалечија светлосни години и го разбудија одиумот на парадоксот дека братските народи сега  ќе останат целосно одвоени, скоро расцепени и повеќе од претходно, за да потврдат веројатно низ таа дистанца колку се братски?

Овој омаж на разочараност во светло на сè она за што се боревме ние во Македонија за и околу приближувањето со Бугарија е  напишан со претпоставка која се чини разумна – на конечно пропаѓање на напорите да се одмрзне нашето отвoрање на преговорите за членство во ЕУ со Бугарското вето. Секако дека е возможен и оптимистички излез – Бугарија да го повлече тоа вето. Но некои од повредите и понижувањата да изведуваме ‚‚различни керефеки‚‚ во понудата на патокази за реализирање на билатералниот договор за пријателство (ништо од тоа што кажуваме  дека би биле готови да направиме всушност не беше нужно во нормални односи меѓу демократски земји имено сè се подразбира во мирољубивата надворешна политика, но за кеиф на Бугарите нaведувавме безброј вакви  ‚‚керефеки‚‚ само и само да направиме возможен излез од ќорсокакот )  – ќе останат во колективната меморија на Македонците. Не дека ние неможеме да изведуваме керефеки, можеме , можеме и повеке, но сето тоа за разумните луѓе е сведено на тезата дека  проблемот кој Бугарија го постави како длабок за нив – воопшто не е проблем.Тој не смееше да биде поставен на тоа рамниште како услов за отпочнување на нашите пристапни преговори со ЕУ.

Независно од циниците на реал-политиката и лекциите по моќ и потирање на малите држави сепак,  кога така абсурдно ќе се постави некоја држава пред проблем кој едноставно не може да биде решен, не може да биде испорачано решение на позициите на бугарската страна без да се порази целосно идентитетот на македонската страна, ќе се  наиде на отпор. Не ваков отпор каков симулира македонската опозиција, квази отпор на паразити-билдери на својот политички рејтинг врз  сериозно надворешно-политичко прашање  – туку отпор на мирниот човек, на разумноста на дипломатското можно. Отпор споен со горчината на очекуваната криза со ставот дека сè направивме и тоа е тоа.  Само две политички елити на Бугарите  покажаа приближување кон нас,  наизглед способни да го издржат ‚‚македонското прашање‚‚ кај себе и вон себе кон македонската држава: онаа на Георги Димитров и онаа на Жељу Желев и толку од Бугарите.

Зошто  непогодата од незапочнување на пристапните преговори (која не е мала за Македонија) сепак не е фатална за неа? Зошто очекуваниот раскин со Бугарија исто така не е фатален за Македонија ? Не мора при тоа како папагали да повторуваме дека сме за европскиот пат кој нема алтернатива за нас. Секако дека е така , но може да бидеме натерани да одиме по разни околни патишта да стигнеме до целта. Тоа нема да биде по наша вина или избор , но ако сме ставени на тој избор, оперативна задача на политиката ќе биде да ги обмисли и реализира оперативен план за нив.

Алтернативите не подразбираат идеолошки промени ниту промени на алијансите и стратешките партнерства . Тие се ориентираат од истиот збир на цели и партнери , но патиштата (по сила на приликите) може да се различни.

Кои се веројатните разврски во случај на целосна и долготрајна блокада од Бугарија ?

  1. Веројатно е заладување до целосен прекин на делови од економската соработка која е ионака мала со Бугарија . Тоа не треба да се стимулира од властите , но нема да може ниту позитивно да се стимулира како се правеше, во насока на развој на тие односи – имено  веројатна е криза на тие односи. Ориентација на Македонија во регионот ќе се движи во насока на триаголникот : Грција – Србија – Приштина / Тирана . Зошто тоа нема да биде трагично? Затоа што тоа така е и денес (со минимални линии кон Бугарија). Ова ке биде следено со пад  на соработката на Универзитетите , културата, медиумите и сл .
  2. Македонија ако остане блокирана во пристапните преговори на подолг рок мора да најде алтернативи  (не вон ЕУ туку кон ЕУ), што подразбира дека треба да се бори во договор со некои земји од ЕУ кон нас наклонети,  за статус во меѓувреме кој ке нè приближи до де-факто членство со најмногу можни финансиски придобивки за нас од тој процес . Нешто од ‚‚грижата на совест‚‚ (иако такво нешто непостои во меѓународната пoлитика) може да проработи кон нас за добивање на таква позиција (чекајки го Годо или одмрзнувањето на пристапните преговори).

Критиката на таквата политика оди по логика дека ако ние покажеме волја и ориентација кон нешто помалку од полноправно членство, ќе им дадеме аргументи на противниците на проширувањето да ‚‚не откачат ‚‚ конечно (и тоа само нас за иронијата да биде поголема).

Но, од нешто мора да се живее во меѓувреме. Блокадата од Бугарија не ја прифакаме и стоиме во ред за (бла, бла добра воља преговори и сл.) полноправно членство, но во меѓувреме треба да се обидеме да ја превртиме ситуацијата во своја корист и да искористиме што може повеќе од финасиските придобивки бидувајќи ‚‚жртва на ЕУ‚‚ и нивните процедури и нормално и жртви на бруталноста на Бугарија . Тоа е возможна и остварлива  цел за способна политика и дипломатија .

Во еден момент, ако блокадата стане трајна треба да ја ослободиме Албанија од колатерална жртва на нашот спор со Бугарија (иако тоа не зависи од нас сепак џентменски треба да го понудиме тоа) и мораме нашата судбина да ја изборуваме сами понатака (се случува колатералните жртви да почнат да ‚‚нè мраза ‚‚ нас и нашите проблеми од кои и они страдаат без причина).

  1. Во политичката но и економска зона треба да се ориентираме уште повеќе кон присуството на Американците во Македонија. Не само преку НАТО туку и директно на сите можни начини. Треба да го операционализираме стратешкото партнерство на сите можни начини и со сета креативна енергија .
  2. Конечно треба да им испратиме насмевка на Бугарите како кон лошите љубовници зависни од нивните мајки , кои во приватниот живот полека но сигурно стануваат социопати.

Колумна на професорот, Љубомир Д. Фрчкоски.