СПАСОВСКИ ЗА СЛОБОДЕН ПЕЧАТ : ЗА 23,2% Е ЗГОЛЕМЕНО ОТКРИВАЊЕТО НА ОРГАНИЗИРАНИТЕ КРИМИНАЛНИ ГРУПИ ВО 2022, САМО ЗА ПЕТ МЕСЕЦИ СУЗБИЕНИ 9 КРИМИНАЛНИ ГРУПИ

0
299

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното интервју за „Слободен печат“ беше прашан и за пресметката со криминалните групи во државата, при што истакна дека во 2023 година, во периодот од јануари до мај МВР бележи намалување на криминалитетот за 13,7%, наведувајќи неколку покарактеристични случаи на сузбивање на организирани криминални групи кои делувале во повеќе области.

„Имаме сузбивање на 10-члена организиран криминална група на подрачјето на СВР Тетово, поднесени се кривични пријави за експлоатација и трговија со дете. Имаме организирана криминална група во делот на тероризмот, со апсење пред неколку дена на 3 лица, од кои 2 лица македонски државјани на територија на Република Северна Македонија, и македонски државјанин во координирана акција со Франција. Во ист момент уапсени се сите лица, како група која била подготвувала терористички акти. Понатаму имаме сузбиено 7 криминални групи кои се занимаваат со трговија со дрога и оружје на територија на СВР Скопје и СВР Штип, кои најчесто тргуваат со марихуана и кокаин. Тука имаме 38 македонски државјани, како и заплена на 210 килограми марихуана, 1,5 килограм кокаин. Кај две организирани криминални групи на територија на Албанија и Грција во заеднички акции по информации на МВР, и заеднички тимови кои работеле на овие активности досега се запленети 429 килограми кокаин”, рече министерот Спасовски.

Во делот на сузбивање на организирани криминални групи кои делувале во областа на недозволената трговија со оружје, Спасовски истакна:

„Имаме откриено 60 кривични дела за трговија со оружје, уапсена 10 члена поликриминална организирана група, вкупно 73 сторители се кривично пријавени, запленети 57 парчиња оружје, над 40 парчиња муниција, 6.000 парчиња пиротехнички средства. Разбиена е и организирана криминална група на стрелиште во Скопје, притоа одемени се 36.000 парчиња муниција”, рече министерот Спасовски, истакнувајќи дека податоците за овој период говорат за навистина обемни активности. Притоа, тој ја истакна зголемена отркивачка функција во 2022 година.

„Ако зборуваме за 2022 година, откривачката дејност во делот на организираните криминални групи е зголемена за 23,2% во однос на претходниот период и се должи на зголемена оперативна активност на национално, регионално и меѓународно ниво, активности со низа иницијативи, пред сѐ со СЕЛЕК, кои работат на спречување на организираните криминални групи. Во 2022 сузбиени се 15 организирани криминални групи, околу 83 лица биле кривично пријавени, а 12 од организираните криминални групи биле за недозволена трговија со дрога, 8 делувале на меѓународно ниво, 4 на национално ниво. Сузбивме и по една организирана криминална група во делот на криумчарење мигранти, во делот на корупција, знаете за случајот на Табановце, а за трговија со културно наследство е разбиена 12-члена група”, истакна министерот Спасовски.

Тој потсети и на оперативната активност „Безбеден град” која е во насока на сузбивање на криминалот во главниот град:
„Низа активности се преземаа и со ‘Безбеден град’ на територија на СВР Скопје. Во оваа оперативна активност досега имаме 7.000 прегледи и проверки на возила и лица, при што имаме 167 лица лишени од слобода. Не оставаме простор за криминал во државата”, порача министерот Спасовски.