СПАСОВСКИ ЗА ,,СЛОБОДЕН ПЕЧАТ” ВО ОТКРИВАЊЕТО НА КРИУМЧАРЕЊЕ НА МИГРАНТИ ИМАМЕ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЕФИКАСНОСТА ЗА РЕЧИСИ 100%

0
467

Балканската рута на мигранти беше една од темите на кои се осврна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто за „Слободен печат“. Одговарајќи на прашањето дали се намалува бројот на лица кои транзитираат низ државата, тој потенцираше дека ако се анализираат бројките намалување има, но миграцијата останува предизвик и во наредниот период.

„Во периодот од 1 јануари до 21 мај 2023 година спречени се 3.518 обиди за премин на државната граница од страна на мигрантите, а минатата година таа бројка била 5.226. Тоа покажува дека имаме намалување на обидите и тоа не малку, туку за 42%. Имаме намален обид и на границата со Република Србија за 32%. Топ три земји од каде најмногу доаѓаат мигрантите се Сирија, Мароко, Конго и помал дел од Пакистан.

Карактеристично во делот на мигрантите е тоа што многукратно се зголемува откривачката дејност од страна на македонската полиција. Имаме спречено 29 случаи на криумчарење на мигранти, а околу 234 мигранти биле во обид да се криумчарат.

Преземени се мерки на кривичен прогон за 21 лице, од кои двајца се српски и еден турски државјанин“, ги презентираше резултатите од борбата со нелегалната миграција министерот Спасовски.

Во однос на справувањето со нелегалната миграција, тој истакна дека од исклучителна важност е потпишаниот Договор со Фронтекс.
„Тој е исклучително важен како прв договор што е потпишан од страна на Северна Македонија со Европската Унија, а од оперативен аспект е многу важно тоа што се распоредени силите на Фронтекс на јужната граница, каде имаме најмногу обиди за илегален влез. Заедно со Европската Унија ќе направиме сѐ за да се спречи овој вид миграција.

Република Северна Македонија веќе две години по ред не е атрактивна држава за преминување на мигрантите, бидејќи се зголеми за речиси 100% ефикасноста во откривачката дејност при криумчарењето на мигранти. Оперативно сме поставени на целата територија на државата, а контрола не се прави само на границите, туку и во внатрешноста на државата“, дециден беше министерот Спасовски.