СПАСОВСКИ ЗА МАКФАКС : МВР ВЛОЖУВА МНОГУ ВО БОРБАТА ПРОТИВ САЈБЕР КРИМИНАЛОТ, ЦЕЛТА НА ИКТ ЦЕНТАРОТ ВО ПРИЛЕП Е ТОКМУ ЗА ЗАШТИТА И БЕКАП НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ ПОДАТОЦИ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

0
423

Во вториот дел за интерјуто за МАКФАКС Студио, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски запрашан како МВР се бори со сајбер криминалот, лажните вести и другите форми на хибридни закани потенцираше дека нашата држава како и сите држави во ЕУ, борбата со овој вид криминал ја смета за приоритет и интензивно се вложуваат ресурси за зајакнување на овој сегмент.

„Јас сум навистина многу задоволен што на секоја безбедносна конференција која што ја имаме, и регионално и на ниво на Европска Унија, па и на глобално ниво, конференции на ИНТЕРПОЛ и сл., сите веќе како топ приоритет го ставаат сајбер криминалот и јакнењето на капацитетите што значат негово спречување. Тука нормално дека главна улога ќе игра и подигањето на јавната свест за да знаеме што е тоа сајбер криминал, како да го препознаеме тој вид на криминал и како да се одбраниме од него.“, потенцираше министерот Спасовски.

Тој истакна дека кога се зборува за сајбер криминал истовремено се зборува и за говор на омраза по компјутерски пат, и за радикализација, и за економски криминал коишто веќе сѐ почесто се шират по електронски пат.

„Во изминативе неколку години значително е зголемен капацитетот на институцијата со којашто раководам – МВР, како на Одделот за компјутерски криминал, така и во делот на форензиката – и тоа го правиме постојано. Вложуваме и во човечките ресурси, бидејќи ако не вложуваме, не можеме да ги задржиме во институциите, а тие се многу потребни. Тоа веќе го прават и сите други институции во државата, бидејќи секоја од институциите мора да преземе низа мерки кои што ќе значат заштита од упади во нивните електронски системи. Ние направивме и центар за тоа – ИКТ Центарот во Прилеп, кој е токму за заштита и бекап на електронските податоци кои што ги има не само МВР, туку и другите институции со кои што склучуваме договори. Така што, во овој дел, како што ќе се развива технологијата, така ќе се развиваат и модалитетите преку кои што ќе се врши тој сајбер криминал, па тоа ќе биде една постојана борба“, појасни Спасовски.