Слабо дечки

0
1232

Не знам дали овој договор и овој пресврт во настаните што се случи деновиве на македонската, инаку мошне возбудлива политичка сцена, е направен со некаков удел на опозицијата или е наметнат од преговорите меѓу релевантните странци и ДПМНЕ и ДУИ, но резултатот, ако остане на ова до сега, е слаб и опасен за опозицијата!

Имено, се има впечаток дека ДПМНЕ успева да им ги продаде и истргува своите „шарени лажи“ на странците и да добие уривање на преодната влада (техничка или штогоде) каде СДСМ имаше мошне важно место на интерен мониторинг во политиката и настаните – МВР.

Дури и да е дел на договорот постигнат и презентиран деновиве: укинување на изборите на 5-ти Јуни и укинување на аболицијата – прашањето е: што следи потоа во долг период на најмалку една година или нешто помалку до нови избори?

СЈО и ако продолжи со својата значајна работа, реално не може да процесира: ниту притвор (со својот симболичен знак)  ниту да заврши судска постапка со значајна пресуда до новите избори, кого сака  да обвини при тоа! Ако е точно дека и кај аболицијата е направен таен договор за поштеда на Груевски и можеби братучед му од ефективен прогон – тоа ќе биде гадно, мошне гадно за опозицијата.

Владата која е повторно онаа најкриминалната (само без Груевски на чело) ќе засука ракави и дисциплинирано ке спроведува реформи по налог на Хајдел или некој сличен. Како можете да верувате, драги мои дека МВР на „Свраков“ може било што чесно да стори? Кој било избирачки список или гласач на адреса да провери и кој ќе му верува на тоа? Дали може да се потпрете дека такво МВР може искрено да му помогне на СЈО и прогонот кој тоа би го наложило? Може искрено само измама и бојкот да очекувате, се друго им го оставам на „оние кои гледаат победа во овој чин“!

Целата влада ќе биде „во контрола“ на политиката, независно што ќе биде мониторирана од странски Губернатор. Психолошкото дејство на таа ситуација е девастирачко за опозицијата и за сите нас. Влада која е причина за најголемата политичка криза во Македонија од осамостојувањето, влада која е докажано криминална (не може повеќе да се докаже од ова со бомбите), влада која ја урна демократијата и владеењето на правото до најнизок степен, влада која е изолирана и исмеана од цел свет – повторно „јава“ со нова легалност и  таа е таа која ја реализира „реформата на Прибе“.

Ееееј,  дали сте вие нормални, дечки!

Додека опозицијата беше опсесивно насочена кон одлагање на изборите и аболицијата (дејства кои се покажуваат како балони за одвлекување внимание и роба за продажба и за трговија и беа истргувани од ДПМНЕ) изгубија удел во клучниот дел на извршната власт кој ги одалечува од сè битно во периодот до избори (освен секако протестите на улица).

Внимавајте на што сме сега, што имаме враце ние борците за уривање на диктатирската власт и новата македонска демократска пролет? Успеавме херојски да ги урнеме балоните на ДПМНЕ кои тие ги измислија да бидат урнати, но продадени при тоа? Но, за возврат нè тргнаа од реалната власт и контролата врз МВР, каде голем, да не кажам најголем дел од реформите на Прибе се прекршуваат. Каде се мониторира можната најтврда злоупотреба на власта и се асистира во серија други делови на политиката, сега мошне битни до изборите.

Конечно како е можно за победа, од аспект на  опозицијата сега ме интересира тој аспект), да се смета резултат во кој  скоро целиот договор од Пржино е спасен, обновен, единствено СДСМ е жртвувана со тоа што „го изеде стапот“ со своите министри исфрлени од владата?

Абсурдот на еднопартиските избори и на криминалната аболиција мораше самите ДПМНЕ да ги повлечат и „стават на едно место“ и при тоа да се ИЗВИНАТ за срамот и бламот кој со тие акти ги нанесоа на државата пред светот и векот, а не да ги продаваат како свои отстапки за повторно придобивање на владата. Кој тоа „јак преговарач“ ваков скапан компромис направил?

На што ќе биде сведена „борбата на опозицијата“ утре во едно вакво можно сценарио?

На фалење дека сè што кажале се остварило, ама резултатот е неочекувано лош? На џавкање од страна и радикални, гласни, дрски говори и негодувања дека владата не направила доволно ниту правилно нешто од реформите???  Јака позиција ебаго! На два три преса дополнително со закани дека Грујо ќе оди во затвор, на некој протест на кој ќе се крикне дека слободата во Македонија се раѓа и сл. Исто така многу јако!

Во овој момент опозицијата е во послаба позиција отколку претходно и со тоа треба да се смета! Симболичната сила и победа: дека ДПМНЕ не може да стори што и да е ( закаже избори, распушти Парламент и аболицира) некако се стопи пред перспективата дека ќе нè владее иста криминална влада до следните избори – што е страшно, драги мои!

Оние што сметаат дека Хајдел ќе биде вистински  премиер во сенка на оваа влада се лажат и грешат. Во вакви ситуации актерите се делат во две големи групи, имено посматрачи и јеб…..чи! Хајдел, а се плашам и опозицијата, има шанси да бидат за жал посматрачи на акцијата. Можеби лути и дрчни посматрачи, но сепак такви! Власта во сета своја микро структура на закани и услуги кон огромен број гласачи и клиенти, на микро план на остварување на моќта ќе биде оперативна. Неа ќе  ја имаат криминалците од Владата. Со тоа и сите начини на уцени, услуги, пари и корупција со која ќе го одложуваат и успоруваат  распадот на мафијашката структура од која страдаме сите. Тоа имаат намера да го прават сè до следните избори, а тоа е ПОРАЗ драги мои. Тоа не може да се нарече „победа“ и да остане жива смислата на зборот!

Го имаме секако „Протестирам“ како апсолутна придобивка од сиот овој процес до сега, но некој треба и партиска политика да води за демократија и слобода, некој треба да ги направи политичките завршни удари!

Императивен програм на опозицијата на кој треба сè да стави и сите сили да ги насочи, после сè ова е договор за нова техничка или влада на голема коалиција. Во неа треба да учествуваат сите парламентарни партии. МВР, Образование, Финансии и Труд и социјала, мора да бидat под контрола на опозицијата, а на листата на ДПМНЕ да нема ниту еден компромитиран член од криминалната организација офирана со бомбите.

Не треба да се почне со ниту една „реформа на Прибе“ без создавање на ваква влада. Сè друго би било погубно на долг рок за опозицијата која следните избори би ги чекала како хазард со неизвесност која не ја заслужува.

Љубомир Д. Фрчкоски

Извор : Либертас