ПРЕМИЕРОТ СМЕТА ДЕКА ИМА ПОДДРШКА ОД ,,ОГНЕНИТЕ” ОД ДУИ, СО ТАРАВАРИ НЕ РАЗГОВАРАЛ ЗА ВЛЕЗ ВО ВЛАДА

0
346

Премиерот го повтори и неговиот став дека сега не е потребна широка коалиција, идеја за која неговиот коалициски партнер Павле Трајанов од Демократскиот сојуз во емисијата „360 степени“ рече дека треба да се размислува

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва уште еднаш излезе со уверување дека Владата е стабилна коментирајќи ја ситуацијата во ДУИ каде незадоволни членови, познати како „огнената група“, изразија незадоволство од состојбите во партијата и револт од првиот вицепремиер Артан Груби.

„Владата е стабилна, јас имам редовни состаноци со Ахмети. Не можам да се мешам во внатрешните прашања на ДУИ, ниту тие некогаш се мешале во СДСМ. Сметам дека владата е стабилна и парламентарното мнозинство е стабилно“, рече Ковачевски во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

На прашањето дали во Собранието, Владата ја има поддршката на пратениците кои се дел од „огнената група“ (Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику), тој рече дека не може да зборува во нивно име, но смета дека нивната поддршка за Владата ќе остане.

Коментирајќи го евентуалниот влез на Алијанса за Албанците (АА) во Владата, за што в.д. претседателот Арбен Таравари, изјави дека ако добијат понуда ќе ја разгледаат, Ковачевски рече дека не се видел со него, но порача дека за секоја поддршка за европскиот пат и за справување со кризата треба да се разговара.

„Јас на последниот настап во парламентот кажав дека сега е време кога треба да се обединиме зашто пред нас имаме остварување на стратешки цели, а тоа е продолжување на патот кон ЕУ и овозможување најдобар начин да се справиме со економската и енергетската криза. Со господинот Таравари се немам видено, но секогаш сум имал контакти со пратениците од Алијанса. Не сме разговараме за такво нешто. Меѓутоа, секоја поддршка која е за поддршка на европскиот пат, за справување со енергетска и економска криза и сите предизвици со кои се соочуваме, сметам дека е поддршка за која треба да се разговара“,рече Ковачевски.

Премиерот вечерва го повтори и неговиот став дека сега не е потребна широка коалиција, идеја за која неговиот коалициски партнер Павле Трајанов од Демократскиот сојуз во емисијата „360 степени“ рече дека треба да се размислува.

„Не сметам дека се наоѓаме во политичка или воена криза во која ќе треба да се прави широка коалиција. Владата има капацитет за да се справува со сите овие прашања. Тоа го потврди и оваа и претходната влада од ова парламентарно мнозинство кога се справуваше со пандемијата. Успешно ќе се справиме и сега“,рече Ковачевски.

Ваквата идеја за широка коалиција веќе ја отфрлија и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, како и ЛДП која е дел од владиното мнозинство.