СО ГРЧКА ДОНАЦИЈА ОТВОРЕН ЦЕНТАР ЗА ФЕТАЛНА МЕДИЦИНА ЗА РАН СКРИНИНГ НА ТРУДНИЦИТЕ НА КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА

0
313

Со поддршка од Амбасадата на Грција во земјава, на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје е отворен нов оддел, Центар за фетална медицина. Со новата опрема, како што рече министерот за здравство Фатмир Меџити, се овозможува ран скрининг кај трудниците што значи и намалување на смртноста на новороденчињата.

„Апаратите овозможуваат следење на плодот во текот на неговиот развој како и детекција на сите можни показатели кои може да доведат до несакани последици. Ова е пионерски чекор во нашето здравство, за што од голема важност е поддршката и соработката од нашите грчки пријатели, Министерството за надворешни работи на Грција, како и Фондацијата за фетална медицина, со чија помош ја реализираме Програмата за фетална медицина. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на амбасадорката на Грција и на грчкиот народ за подадената рака во усовршување на нашиот здравствен систем“, кажа Меџити.

Меџити најави дека дополнително ќе се основаат и стручни усовршувања, односно ќе се отворат магистерски студии во областа на феталната медицина, што ќе се реализираат во соработка со Медицинскиот факултет во рамките на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и Асоцијацијата за фетална медицина во Северна Македонија.

„Нашите кадри ќе бидат обучувани од врвни експерти коишто ќе ги обезбеди Фондацијата за фетална медицина. Фондацијата ќе ја обезбеди и неопходната опрема за реализирање на целата програма, што вклучува и два апарати за ултразвук, кревети, компјутери, софтвер, и се што е потребно за опремување на Одделот за фетална медицина“, додаде Меџити.Министерот за здравство Меџити истакна дека токму поради развитокот на феталната медицина на оваа клиника има значителен пад на бројот на мртвородени, бебиња.