СЛОБОДЕН ПЕЧАТ : СДСМ И СИТЕ АЛБАНСКИ ПАРТИИ ЌЕ СЕ ОБЕДИНАТ ПРОТИВ ПРОТИВ ВМРО-ДПМНЕ – НОВА СТРАТЕГИЈА НА ВЛАСТА

0
157

Шемата што сега е во игра, а за која се бара поддршка и помош и од владејачките партии во Косово и во Албанија, е актуелните владини партнери на изборите да настапат во два блока – тие како еден блок, а кон другиот да ја приклучат и албанската опозиција предводена од Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши и како постизборна коалиција да формираат заедничка влада или, со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ и да победи на изборите да нема партија на Албанците која би формирала влада со партијата на Христијан Мицкоски.

Оттука, според нашиот соговорник, не била ни малку случајна, особено што е направена во предизборие, партиската средба на СДСМ со Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти во Приштина, иако според официјалните соопштенија од двете страни средбата била на ниво на сестрински партии.

Откако се одолговлечи и стана неизвесно формирањето на Европскиот фронт, како што првично беше замислен од премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и од лидерот на ДУИ Али Ахмети треба(ше) сите владини партнери на заеднички листи да настапат на парламентарните избори и да се оди со консензуален кандидат за претседател на државата, сега новата стратегија на која власта паралелно работи е коалициски, заеднички изборен настап на ДУИ и Алијанса за Албанците и коалиција помеѓу СДСМ и опозицискиот Европски сојуз за промени. Постизборно би следела коалиција помеѓу ДУИ и Алијанса за Албанците со СДСМ и ЕСП. Планот е напарвен со идеја ниту една партија на Албанците да не излезе со свој претседателски кандидат, туку уште во првиот изборен круг да го поддржат, како заеднички, кандидатот на СДСМ.

Меџити, Касами, Гаши, Фото: Фејсбук Изет Меџити

Според математиките на власта, оваа комбинација би обезбедила над 70 пратенички мандати, односно во најлош случај коалицијата би броела 72, а во најдобар 78 пратеници и сигурна победа на консензуалниот кандидат за шеф на државата. Освен дека таквиот сојуз би обезбедил речиси двотретинско мнозинство потребно за уставните измени (евентуално ќе им недостигаат тројца пратеници) таквата коалиција ќе ја остави ВМРО-ДПМНЕ без албански партнер, бидејќи сите парламентарни партии на Албанците би биле со СДСМ. Да претпоставиме дека Европскиот сојуз за промени би одел во коалиција со СДСМ – Касами на последните парламентарни избори настапи на заеднички листи со социјалдемократите – прашањето е дали ќе го убедат постизборно да коалицира и прави влада со ДУИ.

Според функционерот и наш брифер, токму поради тоа и се случила средбата во Косово помеѓу секретарот за меѓународна соработка Бојан Маричиќ и генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ и претставниците на Самоопределување.
Наводно, функционерите на СДСМ побарале Самоопределување да се воздржи од предизборна поддршка на ЕСП и ако може да ги убедат Меџити, Касами и Гаши предизборно да коалицираат со СДСМ. Во целата операција наводно е вклучен и експремиерот Зоран Заев на кој во 2019 година му успеа да ја направи првата предизборна коалиција со Беса.

Сепак, неизвесно е каков ќе биде епилогот од оваа паралелна изборна стратегија, бидејќи тројката Меџити, Касами и Гаши заедно со Беким Ќоку, струшкиот советник на Курти, и во друштво на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари неодамна имаа средба со косовскиот премиер, но тие не го убедија Таравари на изборите да настапи со опозицијата.

Официјално од СДСМ соопштија дека на средбата со генералниот секретар на Самоопределување, Алим Рама, и со секретарот за меѓународна соработка, Хајрула Чеку, се разговарало за натамошната регионална соработка и дијалог помеѓу двете партии, како клучни столбови за стабилност и европската иднина на Западен Балкан.

„ВЗАЕМНО БЕШЕ ИСТАКНАТА ЗАЛОЖБАТА ЗА ПРОДЛАБОЧУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА МЕЃУ ПАРТИИТЕ ВО РАМКИ НА ПЕС, ОТКАКО САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ СТАНА ПРИДРУЖНА ЧЛЕНКА НА ПАРТИЈАТА НА ЕВРОПСКИ СОЦИЈАЛИСТИ, НО И ПОМЕЃУ ПОЛИТИЧКИТЕ ПОДМЛАДОЦИ. ЗАЕДНИЧКИ Е ПОТВРДЕНО ДЕКА ЕВРОПСКИ ВРЕДНОСТИ И ДИЈАЛОГ ЗА СИТЕ ПРАШАЊА СЕ ИСКЛУЧИТЕЛНО ВАЖНИ ЗА ДРЖАВИТЕ ВО ЦЕЛИОТ РЕГИОН И ПРОГРЕСИВНИТЕ ПАРТИИ ТРЕБА ДА ПРИДОНЕСАТ ВО ЈАКНЕЊЕ РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА И СТАБИЛНОСТА НА ЗАПАДЕН БАЛКАН“, СООПШТИ СДСМ.

Од Самоопределување на Фејсбук објавија дека на пријателската средба се разговарало за политичките случувања во двете земји и во регионот.

„БЕШЕ НАГЛАСЕНА ВАЖНОСТА НА СОРАБОТКАТА МЕЃУ НАШИТЕ ДВА ЕНТИТЕТА, КОИ СЕ И ЗАЕДНИЧКИ ЧЛЕНОВИ НА РАЗЛИЧНИ СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ ПЛАТФОРМИ ШИРУМ СВЕТОТ. СРЕДБАТА ЈА ЗАВРШИВМЕ СО РАЗГОВОРИ ЗА ИДНИ НАСТАНИ ВО КОИ ЌЕ БИДЕМЕ ЗАЕДНО И ДРУГИ ЧЕКОРИ ЗА ПРОДЛАБОЧУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА СЕКОГАШ ВО СВЕТЛО НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТИЈАТА“, СООПШТИЈА ОД САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ.

И коментарот од ДУИ беше дека станува збор за средба на две левичарски партии, но партијата потенцира дека уште претходно знеле за состанокот. Ахмети неодамна во интервју за албанска телевизија рече дека премиерот Курти се меша во политичката сцена на Албанците во Македонија и дека тоа не е првпат.
Таравари, по средбата со Курти, денеска е кај албанскиот премиер Еди Рама. Од партијата брифираат дека Таравари ги продолжува консултациите пред позиционирањето на Алијанса за Албанците на претстојните избори. По средбата на Таравари со Рама ќе следат консултации на раководството на Алијанса пред Централното собрание да пресече како партијата ќе настапи на изборите. Според внатрепартиската сондажа, 90 отсто од членството е за самостоен настап или за коалиција со ДУИ. Од партијата брифираат дека ако одат со албанската опозиција тогаш ќе има две Алијанси, односно партијата ќе се подели.

Меџити, Касами, Гаши, Фото: Фејсбук Меџити

Лидерите на Европски сојуз за промена, Гаши, Касами и Меџити, заедно со Ќоку се во посета на САД и веќе се сретнале со сенаторката Џони Ернст – копретседателка на групата за албански прашања на американскиот Сенат и претседателка на Комитетот на републиканците за политиките во Сенатот. Од ЕСП соопштија дека, потврдувајќи го стратешкото партнерство со САД, на состанокот изразиле јасен став дека Албанците остануваат посветени на продлабочување на соработката со САД и со ЕУ, како единствена опција која обезбедува мир и стабилност во регионот. Лидерите на Европскиот сојуз ја увериле сенаторката Ернст дека „оваа коалиција ќе биде најсериозниот и единствен фактор кој ќе овозможи интеграција на земјата во ЕУ, со што ќе се промени статус-квото инсталирано во последните дваесет години“.