СЕ УШТЕ НЕМА ОДЛУКА ВО СДСМ КАКО ЌЕ СЕ НАСТАПИ НА ИЗБОРИТЕ, ВЕЛИ СПАСОВСКИ ЗА МОЖНА КОАЛИЦИЈА СО ДУИ

0
242

Се уште нема одлука од раководството на СДСМ како ќе се настапи на изборите, рече вечерва Оливер Спасовски, член на партискиот Централен одбор и министер за внатрешни работи.

Според него, во тек е анализата од која треба да произлезат одлуките – какви би биле коалициите.

Сите опции, истакна Спасовски, треба да бидат во игра и да се разгледуваат.

-Сите одлуки треба да се донесат врз основа на анализи. Анализите на крајот треба да донесат изборен резултат што ќе значи победа на изборите. Моментално се работи на таква анализа во партијата и тука треба да се донесат одлуките – какви би биле коалициите. Но, едно е важно, дека проевропскиот фронт го имаме како фронт што ќе се бори против оние кои немаат некаков концепт за иднината и не нудат никакви решенија. Анализите ќе покажат што е најдборо и сигурно дека така ќе настапи партијата. Сите опции треба да бидат во игра и да се разгледуваат, но се уште нема таква одлука од раководството, како ќе се настапи на изборите. Коалицискиот потенцијал на СДСМ е далеку поголем од оној на опозицијата и во тој правец и понатаму ќе се работи, рече Спасовски, одговорајќи на прашањето дали има разговори за заеднички настап со ДУИ на претстојните парламентарни избори.

Прашан дали партијата на Таравари може да влезе во комбинација, Спасовски напомена дека „ако анализите покажат дека треба да се оди на заеднички листи, сите кои се за европскиот фронт тоа треба да се направи или ако анализите покажат дека треба да се оди на посебни, раздвоени листи, секако дека СДСМ ќе настапи на изборите со својата коалиција што ја има сега, со своите традиционални партнери“.

Спасовски не одговори конкретно дали се гледа како шеф на државата или како лидер на СДСМ.

-За никого личните амбиции не се поважни од секој член на партијата, секој граѓанин, партијата или државата. Има постапки, се даваат предлози и тоа е демократски процес кој се одвива не од сега, туку од формирањето на партијата до денес. Најдобриот кандидат за претседател, најдобрите кандидти за пратеници и добра програмска понуда е тоа што ќе го направиме во следниот период, рече Спасовски.