СДСМ: Министерството за одбрана треба да го поништи спорниот тендер од 250 милиони евра

0
842

СДСМ бара Министерството за одбрана веднаш да го поништи тендерот за набавка на опрема, тежок 250 милиони евра, кој го карактеризираат како сомнителен. Ваква набавка, велат опозиционерите, мора да биде спроведена многу посериозно, особено имајќи ја предвид лошата положба на војниците и нивните основни потреби.

„Власта на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски десет години ја разнебитува одбраната и целосно го сруши достоинството на војниците. Нашиот професионален војник и офицер има потреба од најосновна опрема и услови за тековно функционирање, кондури, ќебиња, чизми, униформа, основен алат за работа. Окоплните возила се дамнешна потреба на АРМ но тендерот за набавка на истите во вредност од 250 милиони евра има многу спорни моменти“, реагираат од СДСМ.

Според социјалдемократите, единствен критериум при набавката на транспортерите е само цената. Нагласуваат дека нема ништо во однос на квалитетот и техничките карактеристики на возилата, одржување, сервисирање и резервните делови за опремата. Односно, велат од таму, ја нема можноста за ангажирање на домашни капацитети во понатамошно одржувањето на возилата.

„Најспорна е предвидената исплатата на возилата да се одвива во периодот од 2018 до 2026 година. Значи ВМРО-ДПМНЕ нема средства за исплата во моментов и оваа обврска ја остава на идните влади. Тендерот треба да се поништи и треба да се изработи техничката спецификација којашто ќе гарантира намалување на вредноста на набавката, зголемување на гаранциите за безбедност на војниците, но и ангажирање на дел од домашнната индустрија во изработката и одржувањето на возилата“, се вели во реакцијата на СДСМ.