РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ Е БОГОХУЛНА ИДЕОЛОГИЈА, ЖЕНИТЕ ОД ДОМАЌИНКИ, МАЈКИ И СОПРУГИ СЕГА СЕ РАЗВЕДЕНИ САМОХРАНИ МАЈКИ, А КОГА ЖЕНАТА БАРА ПОГОЛЕМИ ПРАВА БЕЗ ДОЛЖНОСТИ Е НИХИЛИЗАМ, РЕЧЕ ВЛАДИКАТА ПЕТАР ВО ВЕЛИГДЕНСКОТО ПОСЛАНИЕ

0
481

„На нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост“, вели владиката Петар. (Фото: Јутјуб/принтскрин).

Отровна идеологија, манипулативна терминологија, богохулна, противприродна, изопачена, со овие зборови владиката Петар ја нарече родовата еднаквост во своето Велигденско послание до верниците.
„На нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост! Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена; Господ ги создаде машко и женско, и сè друго изменето, поинакво и поразлично од Божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо“, рече владиката Петар, митрополит на Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА.

Тој во својот говор се осврна и на феминизмот истакнувајќи дека во минатите векови, до неговата појава и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка и домаќинка, а денес, таа е високо еманципирана со забележителни позиции во општеството, но, често и разведена и самохрана мајка. По ова, додаде дека кога некој бара повеќе или поголеми права, треба да е свесен, подготвен да извршува и поголеми должности зашто барањето права без обврски е нихилизам.

„Треба дури да се одречеме од себеси, да живееме и да се трудиме за општо добро, за повисоки цели и идеали, да ги исполнуваме општоприфатените начела за етика и морал, да ги правиме општеството и светот подобри. Во спротивно, остварувањето на права без должности, што најсоодветно се нарекува анархија и хаос, го расипува и изопачува светот, кој, како таков, ја губи својата рамнотежа и хармонија. Токму таков е современиот свет, во кој семејството е поделено и дисфункционално, а човекот е сè поизгубен. Ете, таквото барање права без должности, кое всушност, ги негира и се спротивставува на основните човекови вредности – е резултат на најпогубната и најотровната на човекот понудена идеологија – нихилизмот”, рече владиката.