Проштална средба на МНР Димитров со амбасадорот на Сојузна Република Германија Томас Герберих

0
731

Денес, министерот за надворешни работи Никола Димитров го прими во проштална средба, амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Томас Герберих.

Во оваа пригода, МНР Димитров ја истакна значајната улога на амбасадорот Герберих во развивањето на билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Германија, како и неговата професионалност и лична посветеност за унапредување на соработката во повеќе области. Потенцираше дека Германија традиционално се вбројува во најважните надворешно-политички и економски партнери на Северна Македонија, укажувајќи при тоа и на фактот што, токму во изминатите три години билатералните односи забележаа огромен напредок. Зголемувањето на заемната економска соработка и меѓусебната трговија ја прави Сојузна Република Германија најголем надворешнотрговски партнер на Северна Македонија.

Министерот Димитров воедно, се осврна на континуираната и безрезервна поддршка и улогата на Германија во полза на евро-атлантските и европските интеграции на Северна Македонија, што резултираше со неодамнешното заокружување на приемот во НАТО и одлуката на Европскиот Совет за почеток на преговори за членство со нашата земја. Истакнувајќи дека Северна Македонија длабоко ја цени поддршката од Владата и од сите политички актери во Германија, Министерот се заблагодари за  искреното пријателство и посветениот ангажман на амбасадорот  Герберих во овој контекст.

Посакувајќи му среќа во заокружувањето на неговата повеќедецениска дипломатска кариера,  МНР Димитров истакна дека, иако со тешко срце испраќаме драг пријател на Северна Македонија, уверени сме дека Германија ќе продолжи да биде силен поддржувач на нашата земјата на европскиот пат.