Заев: Борисов го признава македонскиот јазик, ќе најдеме решение и за Гоце Делчев

0
1351

Дефинитивно бугарската позиција сака да продолжи решавањето на историските прашања. Ние најдовме решение за цар Самоил, за Кирил и Методиј, Климент, Наум,… Ќе најдеме решение и за Гоце Делчев. Треба да знаат граѓаните дека решението е победничко за двете страни. Само тогаш имаме договор и решение. Кога опозицијата го отвора ова прашање, нормално е бугарската страна да се брани. Прашањето е, зошто опозицијата го отвора? Зашто доаѓаат избори. Повторно игра на картата на национализмот и на она на што значи популизам, само заради популистички цели, рече вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Во гостувањето на Телевизија 24, Заев истакна дека Борисов го признава македонскиот јазик, а македонскиот јазик е составен дел и од Договорот за добрососедство со Бугарија.

-Сум разговарал сo премиерот на Бугарија Бојко Борисов. Тој го признава македонскиот јазик, македонскиот јазик е составен дел од Договорот за добрососедство со Бугарија не само зашто стои македонскиот јазик согласно Устав и бугарски јазик согласно Устав. Тој е со македонски текст потпишан од мене и од премиерот Борисов.  Втора работа, ако разговарате со нив нема дилеми за ова прашање. Прашањето е кога некој од внатре го отвора прашањето заради едностраната изјава која што Бугарија ја дава која што е неусловен дел за нашиот датум за преговори, чиста е одлуката, немаме никакви одлуки. Советот на министри ја потврди на 24-ти без било каков услов, на 26-ти и 27-ми Европскиот совет ја повтори без било каков услов, таму беше Бугарија која гласаше за таа работа, нагласи Заев.

 

Заев во гостувањето се осврна на економската состојба, повтори дека СДСМ е за избори во најбрз можен рок и тоа ќе го побара на лидерската кај претседателот Пендаровски, а во врска со оставката на Ден Дончев информира дека била разговарана уште во март. Се работи за семејни причини иако Заев, како што рече, почувствувал дека на Дончев му било и „преку глава“ од обвинувања.

Во врска со полицискиот упад при хуманитарната акција, Заев потенцираше дека семејството Заеви отсекогаш биле хумани и целта била да се помага. Упадот го оценува како потсетување на она што значело режим. – Срамно е децата да се тресат и да плачат во станица? Судот дава налог да се влезе во приватни простории и што е пораката за младите, да не бидат хумани? Чулев и ВМРО-ДПМНЕ го бранат целиот чин. Сите ги повикуваме да бидат хумани, рече Заев.

Заев во делот на разговорот за градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски потврди дека СДСМ се оградила од него. Објаснувајќи го случајот, нагласи дека имало недоследности, а законот мора да важи еднакво за сите.