ПРИТВОР ЗА ВЛАДИМИР И АЛЕКСАНДАР ЗДРАВЕВ, ОСОМНИЧЕНИ ЗА ПЕРЕЊЕ ПАРИ ЗА СПОМЕНИЦИТЕ ОД „СКОПЈЕ 2014“, ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ТОДОРОВИЌ ДОБИ КУЌЕН ПРИТВОР

0
839

Неодицијално, за осомничените Зоран Ставрески и Елизабета Канческа-Милевска, ќе се бараат мерки за обезбедување (како на пример одземање на патна исправа), а не и притвор или куќен притвор, бидејќи со години се под истрага или со обвинение, а не побегнале од државата (Фото:К. Попов)

На час пред полноќ во Кривичниот суд Скопје завршила аргументацијата на обвинителот Љубомир Лапе за бараните мерки притвор, па според првичните информации, најстрога мерка од 30 дена добиле осомничените во делот на перењето пари.

Bо делот за злоупотреба на службената положба, изречени биле две мерки куќен притвор и полесни мерки за обезбедување на осомничените во истрагата „Феникс“ за дел од спомениците од Скопје 2014.

Според извори во судот, мерка притвор добиле Владимир и Александар Здравев, Љупчо Бакев и Игор Секуловски.

Куќен притвор им бил одреден на ексградоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ и на Тодор Дељановски.

За осомничените Зоран Ставрески и Елизабета Канческа-Милевска, неофицијално, ќе се бараат мерки за обезбедување (како на пример одземање на патна исправа), а не и притвор или куќен притвор, бидејќи со години се под истрага или со обвинение, а не побегнале од државата.

Во оваа сложена и долготрајна истрага, осомничени се 15 луѓе и 7 фирми. Меѓу нив се и италијански државјанин и неговите три фирми, каде наводно се лееле спомениците, но и преку кои биле испрани 16 милиони евра од вкупно потрошени 57 милиони евра народни пари на незаконски начин. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за перење пари во истрагата за „Скопје 2014“.

Во случајов се работи за незаконски јавни набавки преку изигрување на законите и Уставот, за изработка на 11 споменици меѓу кои и „Воинот на коњ“. Осомничен е и избеганиот експремиер Никола Груевски.

Овие споменици, меѓу кои и тој на Цар Самоил и на творците на ВМРО, овде имале многу висока тендерска вредност, а во Италија исклучително мала. Плаќањата до фирмите во Фиренца стигале од Општина Центар. Спомениците не се лееле во фирмите на осомничениот италијански државјанин, туку во други, а потоа му ги давале нему, т.е. на неговите фирми, кои исто така се осомничени правни лица во оваа постапка.

Со мрежата осомничени на чело со Владимир Здравев, потоа Италијанецот низ неговите и низ низ офшор фирми, ги перел незаконски стекнатите пари од Македонија и ги враќал назад во македонски фирми, чии управители се осомничени и сега веќе притворени. Тие ги подигале испраните пари и ги предавале на едно место.

Истрагата е во тек и уште траат претресите, кажа денеска Лапе.

Здравев беше уапсен во четвртокот попладне на Табановце, а Тодоровиќ на скопскиот Аеродром, на враќање од Загреб.

Дознаваме дека едно осомничено лице во овој случај е недостапно за полицијата.

Извор : СДК.МК