ПАРАДОКС: ДРЖАВАТА ИМА 2000 ЗАПЛЕНЕТИ ВОЗИЛА КОИ СКАПУВААТ НА ПЛАЦ, ЗОШТО НЕ СЕ ДОНИРААТ НА СИРОМАШНИ ИЛИ НА ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ?!

0
1560

Во земјава нема таков плац на кој во исто време има речиси 2.000 возила, каков што е оној во Идризово на Агенцијата за одземен имот. Од најевтини, до возила од висока класа, oд постари, до нови. Прошетката низ плацот наликува на изложба на возила, од кои, некои поради годините, имаат музеолошка вредност.

Ако се соберe сето време во кое возилата се „изложени“ заедно, тоа се стотици и илјадници години.

Магацинот на Агенцијата, пак, што е на истото место, е приказна за себе. Ќе најдете „од игла до камила“.

Иако има и продажби и донации, за тоа колку државата видела ќар од сите заплени е прашање на кое нема едноставен и единствен одговор.

Во моментов институциите се обидуваат да сфатат чиј е пропустот што не можат да се запленат ни „17 евра“ од 17-те милиони евра од фирмите на Сеад Кочан во предметот „Труст“ на СЈО, што го обелодени „КОД“.

Додека тоа се случува, БИРН беше во обиколка на плацот и магацинот на институцијата, што меѓу луѓето е позната како Агенција за конфискација. Прошетката е како туристичка тура низ судските случаи во изминатите 20 години: од непознати предмети до филмски убиства, грабежи и царински заплени.