Премиерот Заев од седницата за пратенички прашања: Апелирам сите политички чинители да го поддржат пописот, повиците за бојкот се атак врз својот народ

0
968

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања во Парламентот, повика на одговорност од сите политички субјекти и поддршка на претстојниот попис.

„Апелирам на одговорност од сите, оваа работа треба да ја завршиме сите. Оној кој ќе апелира за седење дома, или тајно ќе работи во таа насока, прави атак врз својот народ и својата етничка заедница“, оцени премиерот Заев.

Тој рече дека „не е патриотски да се бојкотира“, туку „пописот е патриотски чин“, бидејќи во графите за попис стои Македонци, добиваат можност да се попишат Албанците, Турците, Бошњаците, Србите, Ромите и ги повика сите да излезат да се попишат.

„Патриотски е и сите политички чинители, од која било партија и етничка определба, најгласно што можат, да испратат порака за поддршка на пописот, како сопствен највисок чин на одговорност и придонес кон оваа исклучително важна државна статистичка операција. Ако велиме дека е најважно граѓаните на Северна Македонија да се попишуваат, очекуваме пораката за задолжително учество во пописот да ја испратат и сите домашни политичари – вклучително и политичарите од домашната опозиција. Пописот е операција околу која треба сите да се обединиме за да дадеме максимален придонес. Тоа е должност кон семејството, заедницата, државата. Каде ни е одговорноста кон татковината?!“, порача премиерот Заев.