ПОПОВСКИ: ПЕТРЕ ИМА ШАНСИ ДА ПОБЕДИ ВО СКОПЈЕ, НО БЕЗ РАЗЛИКА НА ИСХОДОТ, ЗАЕВ НЕ ТРЕБА ДА СИ ДАВА ОСТАВКА НА ПРЕМИЕРСКАТА ФУНКЦИЈА

0
1947

Во македонската политика како мантра се врти една наводна вистина дека тој што го има Скопје на вистински начин е власт во Македонија. Шилегов има шанси да победи во вториот круг, без оглед што Данела Арсовска е во предност. Победникот ги мобилизира гласачите, но исто така и поразениот може да предизвика гласачите сами повеќе да се мобилизираат. Доколку Шилегов ги загуби изборите, тоа во никој случај не може да биде крај за една влада. Таа не е само влада што е насочена кон Скопје, туку е за цела држава. Кој го донесол тоа политичко правило во Македонија?

Тоа нема врска со регуларните политички процеси – власта се освојува на парламентарни избори, а не на локални. Што требаше да направи Емануел Макрон по летошните регионални и комунални избори? Па, неговата партија не освои ниту еден регион, а социјалистите го водат Париз од 2001 година досега без прекин и за време на конзервативни и центристички политичари. На локалните избори ова лето во Шпанија конзервативците триумфално ја задржаа власта во Мадрид, па премиерот Педро Санчез не помисли дека тоа треба да биде причина за негова оставка, ниту пак некој ја побара. Виена со децении има левичарски градоначалник, а со државата во голем дел од тие години владееше конзервативна влада. Па Виктор Орбан ги загуби локалните избори во 2019 година од кандидатите на здружената опозиција во 10 од 15-те најголеми градови, вклучувајќи ја Будимпешта. Тоа се локалните власти, парламентот има друго мнозинство. Или што требаше да направи Андреј Пленковиќ во Хрватска, кога годинава Томислав Томашевиќ од левичарско зелената коалиција однесе триумф во Загреб? Да каже дека без Загреб не може Хрватска да оди напред? Лабуристот Садик Кан го освои во мај вториот мандат за прв човек на Лондон, а конзервативецот Борис Џонсон командува со Британија.

Македонската политика многу често страда од чуден фатализам. Доколку не се остварат замислените проекции на локални избори, како да доаѓа крајот. А тие се само еден меѓучекор во клучните политички пресметки. Така е и со овие локални избори. Зошто освојувањето на Скопје од страна на опозицијата би било крај за владата? Тоа може да биде едно долго заедничко патување во ноќта. А поуките за оние што загубија? До нив тие треба сами да дојдат.