ОБВИНИТЕЛСТВО : ИЗДАДЕНА Е НАРЕДБА ЗА ОБДУКЦИЈА, ЗАГИНАТОТО ДЕВОЈЧЕ СЕ КАЧИЛО НА ЕДЕН ОД ВАГОНИТЕ И СЕ ДОПРЕЛО ДО ЖИЦИТЕ ПОД ВИСОК НАПОН

0
479

Девојчето кое загина во синоќешната несреќа кај железничката станица во Илинден имало 14 години, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје по направениот увид со екипите на МВР и обдуцент од Институтот за судска медицина. Според првичните сознанија, како што наведуваат од Обвинителството, смртта настанала како последица на струен удар.

„Првичните информации упатуваат на тоа дека несреќата се случила кога девојчето со уште две други деца си играло околу паркираните вагони, при што во еден момент се качило на еден од вагоните и се допрело до жиците за струја под висок напон. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатото девојче – се наведува во соопштението од Обвинителството.Од Обвинителството додаваат дека со двете малолетни лица – сведоци на настанот, е извршен разговор, местото е фотографирано и се работи на испитување на сите околности кои довеле до трагичниот настан.​

И од МВР денеска информираат дека по извршениот увид било констатирано дека станува збор за струен удар кој настанал откако девојчето се качило на вагон-цистерната , иако првично според пријавата во полиција беше соопштено дека двајца малолетници ја запалиле цистерната.„Во 21:05 часот во ПО-Петровец, С.К. пријавил дека во населбата Илинден кај железничката станица во складиштето на ‘Макпетрол’ од страна на малолетни лица е опожарена цистерна. Двете малолетни лица се кај него дома и по извршениот разговор со децата посочено е дека во цистерната најверојатно има малолетно женско лице и истото е починато – соопшти МВР вчера веднаш по несреќата.