КАНЦЕРОГЕНИ МАТЕРИИ МОЖНО Е ДА ИЗЛЕГУВААТ СО ЧАДОТ ОД ЗАПАЛЕНАТА ДЕПОНИЈА, ВЕЛАТ ОД ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ОД ТЕТОВО

0
354

Пожарот е изгаснат, нема отворен оган, но целата депонија тлее и гаснењето само со вода не дава речиси никаков ефект. (Фото: СДК.МК)
И денес Тетово и Гостивар, како и сите села од Полошкиот Регион, се гушат во чад од депонијата за комунален смет која вчера се запали. Ако се погледне од поголема висина се гледа како сив облак од чад кој надвиснал речиси над целиот регион. Од Противпожарната единица од Тетово велат дека постојано се на терен и го гаснат пожарот, но исто така посочуваат дека треба да се преземат и други мерки бидејќи ваков пожар на депонија не може да се изгасне само со полевање вода.

„И денес имаме иста ситуација со запалената депонија. Против пожарната единица од Тетово интервенира, иако вчера имавме и некои други интервенции во Општина Брвеница. Ситуацијата е алармантна и на ППЕ од Тетово и треба помош од сите институции за да се справиме со оваа ситуација за кои очекуваме денес да се вклучат“, изјави Авни Амети, командир на ППЕ од Тетово.Тетовските пожарникари свесни се дека станува збор за голем пожар кој го загрозува целиот Полошки Регион и дека треба да се преземат и други мерки за решавање на состојбата. Пожарот е изгаснат, нема отворен оган, но целата депонија тлее и гаснењето само со вода не дава речиси никаков ефект.

„Вчера имав контакт со експерт од Дирекцијата за управување со кризи кој вели дека треба да се ископа голема дупка и целата депонија да се затрупа бидејќи само на овој начин може да се реши проблемот и таа да се изгаси. Вчера фрливме 40 десеттонски камиони со вода на запалената депонија и сé уште таа гори, односно тлее и испушта задушлив чад. Ова е огромна депонија и затоа сите институции и од Општина Тетово и од Општина Брвеница и од Општина Гостивар треба заеднички да интервенираат“, вели Амети.Според д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје од Тетово, чадот кој доаѓа од запалената депонија е крајно опасен и може да содржи канцерогени материи.

„Чадот кој два дена доаѓа до запалената депонија крајно лошо влијае воз здравјето на луѓето, а посебно на хронично болните лица и на децата. Има акутно влошување на хроничните состојби кај луѓето со хобс, астма, бронхит, но има непријатности и за здравите луѓе. Светската литература кажува дека најголема опасност при горење на депонија е појавата на диоксин и фуран кои се канцерогени материи од прв ред. Исто така многу порасна и концентрацијата на ПМ 10 честички во воздухот. Ова е кривично дело и токму затоа не смее да има ваква импровизација од депонија. Треба да има една регионална депонија со сите запазени норми за да не ни се случуваат вакви работи“, изјави д-р Ратко Давидовски, од Центарот за јавно здравје од Тетово.

Запалената депонија денес ја посети и директорот на ЦУГ Стојанче Ангелов кој вети дека ќе помогне во затрупувањето на депонијата за да се изгасне пожарот.
Засега останува нејасно како Министерството за животна средина издало дозвола да се отвори голема депонија за одложување на комунален смет сред најплодната земја во Полошко и околу која има голем број ниви засадени со земјоделски култури? Како се дозволило да се отвори депонија на само стотина метри од коритото на реката Вардар која тука поминува? Дали таа депонија не претставува потенцијална опасност за подземните води бидејќи во непосредна близина се изворите од кои село Волковија се снабдува со вода за пиење?Од Општина Брвеница, во чиј атар е депонијата, велат дека концесијата за нејзина изградба е дадена во септември 2021 година само еден месец пред локалните избори.