ПЕНДАРОВСКИ ФРЛИ ЖЕШКА ТОПКА ВО РАЦЕТЕ НА ПАРТИИТЕ – КОЈ БАРАЛ АМНЕСТИЈА ЗА ГРУЕВСКИ?

0
583

Откако претседателот на државата, Стево Пендаровски рече дека на неформално ниво, пред 7-8 месеци од „некои актери на политичката сцена“ бил консултиран околу евентуална амнестија на експремиерот Никола Груевски, денеска политичките партии, секоја со своја теза, ја вжештија темата.

Откако претседателот на државата, Стево Пендаровски во гостување на емисијата „Трилинг“ рече дека на неформално ниво, пред 7-8 месеци од „некои актери на политичката сцена“ бил консултиран околу евентуална амнестија на експремиерот Никола Груевски, денеска политичките партии, секоја со своја теза, повторно ја вжештија темата.

Пендаровски во емисијата истакна дека нема намера да го помилува експремиерот, бидејќи, според него, тоа би било рушење на правната држава, а не последните измени на Кривичниот законик, кои самиот ги потпиша.

„Да бидам и поекплицитен – на едно неформално ниво пред 7-8 месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност (н.з. помилување на Груевски), што мислам за таа можност, и реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава.Таков тип на милосрдие стои во Уставот, но не мислам дека сум султан или монарх во оваа држава. За такви кривична дејанија самиот да пресудувам и да решавам што е право, а што не е. Има судски постапки“, рече Пендаровски.

На прашањето дали лицата кои се обратиле кај Пендаровски за амнестија на Груевски, се обратиле и во СДСМ, од партијата велат дека „не постои пазар за било каква амнестија“.

„Јавноста многу добро знае, имало случаи кога сме преговарале со ДПМНЕ, на пример за законот за ЈО и за други закони каде што требале да направат некаков компромис, секогаш, буквално секогаш тие отворале судски случаи кои што сакале да се дискутираат. Ние тоа немаме прифатено и нема да прифатиме ниту во иднина. Затоа и не успеавме да се договориме со ДПМНЕ во 2020 година, затоа што доаѓаа на преговорите со судски предмети но ние не прифаќаме. Нема пазар за било каква амнестија, ниту пак со било кого пазар околу правдата и судските случаи“, изјавија од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа Пендаровски „да престане да се користи со флоскули и титули, туку јасно да излезе во јавноста кои тоа се консултирал со него за амнестија“.

„Во спротивно ќе го сметаме за уште една пласирана лага од него. За жал претседател на државата е фикус на власта и претседател лажго“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од кабинетот на претседателот на ова одговорија дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата што подржувала претседател на државата кој бил фикус на власта.

„Секогаш кога се фатени во небрано, ВМРО-ДПМНЕ наместо со факти, се служи со навреди. Македонските граѓани многу добро знаат дека единствениот претседател во историјата на Македонија кој бил „фикус на власта“ беше предложен и 10 години поддржуван од ВМРО-ДПМНЕ , стои во реакцијата од кабинетот на Пендаровски.

Шефот на опозициската Алтернатива, Африм Гаши, смета дека претседателот Стево Пендаровски го дал одговорот на неговото прашање од пред неколку дена „дали првиот човек на ДУИ, Али Ахмети побарал амнестија за поранешниот премиер Никола Груевски“.

„На нашето прво јавно прашање – дали Ахмети ги молеше, до небо, некои од меѓународната заедница, на средба во Скопје, да дозволат амнестија за Груевски, одговори Пендаровски. Ви благодариме Претседателе што ја потврдивте нашата информацијата“, вели Африм Гаши.

Инаку, албанските опозициски партии повеќе пати изјавуваат дека зад измените на Кривичниот законик стои сценарио за амнестирање и враќање на Груевски од Будимпешта како слободен човек со цел да обезбеди поддршка за уставните измени, што претставниците и од власта и опозицијата, ги негираа.