ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВО СИТЕ СФЕРИ НА ЖИВОТОТ Е НЕМИНОВНА, ЕФТОВ: ДАЛИ КАКО РОДИТЕЛИ САКАМЕ ОСПОСОБЕНИ ДЕЦА ЗА ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА 21. ВЕК? ТОА ТРЕБА ДА ГО ОДЛУЧИМЕ ДЕНЕС И ДА ЖИВЕЕМЕ СО ТАА ОДЛУКА

0
803

Во емисијата “Во центар”, новинарот Васко Ефтов ги анализираше импликациите од процесот на дигитализација кој што треба да се спроведува и во образованието во Македонија.

Според него, корона кризата ги забрзува тие суштински промени на секое ниво низ целиот свет и паметните луѓе брзо разбираат во кој правец ќе се менува иднината. Дигитализацијата, полека но сигурно навлезе во повеќе сфери од животот. Импликациите се поврзани со тоа дека за неколку години ќе нема ниту печатени весници ниту пак класична телевизија бидејќи најголем дел од нештата ќе ни бидат достапни преку смартфоните, вградените камери и компјутерските алатки за се’ што ни е потребно. Како паралела ја наведе својата професионална приказна, кога започнал во дневен печатен весник Вечер, па потоа се префрлил во неделникот Пулс кои што веќе не постојат по 20 години. Потоа се префрли на телевизија и денес веќе снима емисии само на јутјуб со три камери. Истото тоа ќе се случува и со другите професии, некои ќе исчезнат во формата како што биле досега, а нови ќе се појават за кои што ќе биде неопходна дигитална писменост.

Затоа дигитализацијата како новина треба што поскоро да се поддржи во образованието, да се обидеме да се прилагодиме кон неа и да ја совладуваме, со цел да ни се отворат нови можности во 21-виот век. Не е фер родителите со саати да чепкаат во своите смартфони на фејсбук а притоа на децата да им забрануваат да не ги користат и за образовни цели. Затоа овој нов 21-ви век носи нови предизвици, а на иднината на нашите деца треба да мислиме уште отсега ако сакаме да ни бидат оспособени за следните 20 години и за да би можеле да бидат вработувани на тој пазар на труд. Првите знаци веќе ги гледаме денес кога се возможни школски предавања на далечина, онлајн шопинг и вршење нарачки како замена за класичните студентски домови, училишта, универзитети, продавници и шопинг молови.

Македонското општество го окарактеризира како недоволно зрело за да се соочи со ваква сериозна одлука. Наведе дека зрелите општества се подготвени да донесат тешка одлука за некое прашање денес, да се придржуваат конзистентно до тоа во подолг временски период и однапред да се спремни да живеат со таков компромис за да се достигне поголема стратешка цел.