ПЕНДАРОВСКИ : ДА СЕ БОРИМЕ ЗА ВИСТИНСКА ВАЛОРИЗАЦИЈА НА СЕКОЈ РАБОТНИК

0
445

Претседателот Пендаровски по повод Денот на трудот: Да се бориме за вистинска валоризација на секој работник и работничка во земјата, на секој поединец кој преку својата дејност, со својот труд и пожртвуваност придонесува за заедничкото добро

По повод 1 Мај – Меѓународниот Ден на трудот, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака:

Со надеж дека ја испраќаме пандемијата во заборав, денеска, им го честитам Меѓународниот ден на трудот на сите граѓани, работници и борци за подобро утре. Како и во екот на кризата, така и денеска, оддаваме почит на сите работници без кои тешко ќе успеевме да ја надминеме здравствената и економско-социјалната криза.

Како држава, да вложуваме постојано напори за унапредување на правата на сите работници. Да се бориме за вистинска валоризација на секој работник и работничка во земјата, на секој поединец кој преку својата дејност, со својот труд и пожртвуваност придонесува за заедничкото добро.

Први мај е вистинска можност за потсетување дека нашиот стремеж за подобро, поправедно, европско општество во секој сегмент од животот треба со заеднички сили да го преточиме во секојдневие.

Наша задача не е само да ги обезбедиме и штитиме, туку постојано да ги унапредуваме работничките права.

Да бидеме гласни кон неправдите, да ги почитуваме работниците и нивното право на достоинствен живот, зашто само така ќе успееме во толку потребниот прогрес, што секој работник и секој граѓанин го заслужува.

Честит 1 Мај!