Очилата на Груевски ќе ја срушат власта

0
1034

Бабата на еден мој гимназиски другар – значи, приказнава се случува во комунизмот, пред три-четири децении – една вечер си гледала црно-бел документарец за Гоце Делчев на тогашната МТВ1. Дошол другаров, му се видел документарецот здодевен, зел далечинското и свртил на МТВ2. Таму, црно-белиот „Психо“ на Хичкок и баш сцената кога Ентони Перкинс, во некаква борба со некого, го убиваат со ножица во грбот (или така некако беше)… Бабата на другаров, растреперена, само прокоментирала: „Сирот Гоце, што све му праеле!“

saso-ordanovski-540x329

Мислам дека ова е добрата приказна која го илустрира напорот на пропагандната машина на Никола Груевски за фалсификување на македонската реалност. Имено, оние во Македонија кои само менуваат меѓу МТВ1, Сител и Канал 5 навистина мислат дека Груевски е сирот, бидејќи Заев на крајот од приказната го убива со ножица. Срам да му е на Заев, тој струмички ножицо-убиец! И тоа со истата ножица со која претходно ги сечел, крател и монтирал снимките од прислушуваните телефонски разговори.

ВИСТИНАТА Е РЕВОЛУЦИЈА!

Од таквата сечена, лепена и монтирана реалност режимот на Груевски не може да се откаже, до последниот ден од своето владеење. Додуша, ако е за право, лажењето отсекогаш било дел од политиката, и тоа обратнопропорционално од лажењето во обичниот живот: колку е поголема лагата во политиката, толку се поголеми шансите да успеете да ги измамите луѓето и да им ја „продадете“ својата приказна. Во политиката, особено кога песимизмот ќе стане национално секојдневие, луѓето нема да ти простат ако не ги лажеш, бидејќи лажните надежи се последното прибежиште на очајот. Плус, дел од јавноста често ги преферира лагите, наместо вистината – лагите секогаш имаат нешто слаткасто и по малку розово во себе; вистината бара интроспекција, таа води до барање одговорност, а кога голем дел од народот е соучесник и лојална публика во долгиот низ години на лажење на политичарите, тогаш е секако полесно да се проголта уште една лага, отколку баш сега да ѝ се погледа на тажната вистина в очи. Во политичка смисла, лагата обединува, вистината дели. Оттука, политичарите што лажат полесно ја множат публиката; оние другите ја делат, бидејќи бараат размислување, дебата, спротивставени ставови. Впрочем, колку е важна лагата во недемократските режими говори и поговорката дека, кога во една деспотија јавно ќе ја говорите вистината, вие веќе се занимавате со поттикнување револуција.

Оваа власт ги сруши сите рекорди во извртувањето на реалноста, до најапсурдни граници! Притоа, не се лаже само за фактите, за самите информации што се во надлежност на власта (на пример, за тоа колку должиме или како трошиме), туку одамна е прејдено и на искривување на околностите, на фалсификување на контекстот во кој се пласираат лагите, за невистината да може полесно да се „проголта“. Многу им е важно и „темпото“ во лажењето, односно како лагата да е секогаш побрза од вистината, за вистината да мора да се докажува со демантирање на лагите, а не обратно. Со текот на времето, самите почнуваат да веруваат на сопствените лаги и реалноста да ја заменуваат со комплексна конструкција од невистини и полувистини, произлезени од претходни лаги, на кои се надоврзува секое следно лажење. Лагата се врти во круг и на тој начин, секоја лага стопати повторена станува – политика. А кога лагата ќе ја издигнете на ниво на политика, тогаш полемиката не е околу фактите, туку околу правото да се има сопствен агол на гледање! Тогаш вистината станува прашање на вкус, а за вкусовите – нели – не се расправа.

Односно, за оние што сакаат да расправаат, следуваат поинакви мерки…

ОПОЗИЦИСКИ САМОУТЕПАЈСТВА

Од почетокот на април 2015 година до денеска, се случија десетина потешки инциденти врзани за новинарите и за оние што работат на ширењето на информации што не им се по вкус на власта. Запалени се десетина автомобили и уништен е или украден друг имот во сопственост на разни критичари на власта, физички се нападнати или претепани (неколкумина од нив со тешки телесни повреди) повеќе новинари и активисти кои не се по вкус на фамилијата, а на грубите притисоци и на другите акти на заплашувања на неистомислениците бројот не им се знае! Паралелно со нервозата на власта заради растењето на политичката криза во земјава, чиј расплет сѐ повеќе навестува дека фамилијата си ги „пакува куферите“, ескалира и насилството кон оние што овозможуваат ширење на вистината за реалните состојби во општеството.

Но, ВМРО-ДПМНЕ не би било тоа во што е престорена денеска – во една развиена корпорација за заштита и размножување на милионскиот имот на десетина нејзини врвни членови, плус поситните привилегии и бизниси на уште стотина од пониските ешалони на фамилијата – кога дури и за насилствата врз нивните опоненти нема да бидат обвинети самите опоненти! Во последното партиско соопштение од минатата недела по повод претепувањето на еден сопственик на опозициски настроен интернет портал, ДПМНЕ вели дека „СДСМ и нивното раководство, со финансиерите од Сорос, наметнуваат илјадници лаги, манипулации, измами и шпекулации во јавниот простор со што свесно предизвикуваат состојба на омраза и насилство“…

„Впрочем СДСМ, Заев, Фрчковски, Тричковски, Героски и сличните на нив континуирано повикуваа на насилство и физички пресметки. Политичката одговорност за сите овие напади ја носи исклучиво тесното раководство на СДСМ“!

Со други зборови, ако добро го разбирам ДПМНЕ, Тричковски неодамна сам си го запалил своето возило, Героски сам си ја ограбил редакцијата, Борјан сам си го испратил погребниот венец на сопственото семејство, Саше Политико и неколумина други сами се фрлиле низ скалите во зградите каде што живеат и се тепале со метални шипки по глава итн. – само за СДСМ да има за што да ја обвинува власта?! Дури, и иднината е предвидена: ќе има и политичка одговорност за сите овие работи, што ќе ја сноси „исклучиво тесното раководство на СДСМ“!

Ете, така, да се знае, брате! Не џабе се рекло дека глупоста е првата другарка на лагата.

КУЛАТА ОД КАРТИ СЕ РАСПАЃА

Свесни се и од ДПМНЕ дека „бурето“ на власта веќе подолго време тече од сите страни. Објавените прислушувани разговори ја демаскираа империјата на злото и лагата и нејзините клучни актери. Не е во прашање само тоа што лагата станува сѐ поочигледна, туку ги плаши сѐ поголемиот интерес на „обичните“ луѓе за дознавањето на вистината. Така тоа оди кога се рушат диктаторите: информациите за нечија швалерка или за астрономската цена на чинењето на очилата за сонце на премиерот се пострашни за власта од катастрофата со состојбите во земјоделието или со странските инвестиции. Од најнеочекувани страни и за непредвидливи работи се руши контесктот во кој власта непречено лаже. Кредибилитетот на лагите се распаѓа „на ситно“, секојдневно, незапирливо…

Објавено во „Слободен печат“