ЗА ВРАБОТУВАЊАТА ПО ЕТНИЧКИ КЛУЧ ЕДИНСТВЕНА ВАЛИДНА КАТЕГОРИЈА Е РЕЗИДЕНТНОТО НАСЕЛЕНИЕ, ВЕЛАТ ОД ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА

0
405

За пописот на нерезидентното население, Симовски вели дека е направен затоа што земјата има проблем со иселувањето и тие потоа не може да бидат дел од никаква друга категорија население. – Од ланскиот попис (Фото: СДК.МК)

Директорот на за Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски вели дека Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) погрешно ги усогласило податоците од последниот попис со балансерот за вработувања во јавниот сектор по принципот на соодветна и правична застапеност на заедниците.

Тој за државната агенција МИА денеска изјави дека единствена валидна категорија е резидентно население и тоа е согласно сите стандарди на ОН кои важат за сите земји во светот и е прифатено и од Евростат.

Според пресметката на МИОА, каде што министер е Адмирим Алити, балансерот го зема предвид вкупното население од пописот, во кое влегуваат и отселените во странство, но и 7-те отсто административно попишани, за кои нема податок за националност. Според пресметката на Алити, Албанците се 31,54 отсто од населението, а според податоците од пописот од септември лани – 24,3 отсто од резидентното население и 29,5 отсто од вкупното население.

Конкретно за административно попишаните, Симовски вели дека тие не може да бидат распоредени.

„Не може да ги распоредите. Не знаеме и тука нема нагаѓање. Тие седум проценти се неизјаснети и ќе си останат во групата на останати. И на крајот, вие по Устав имате право да не се изјасните. Никој со сила не може да ве натера да се изјасните. Ние ги импутиравме податоците за кои има во регистрите документирана информација, ама никако не смееме да помислиме, а камоли да направиме импутирање на податоци за чувство. Тоа си е лично и е апсолутно забрането, изјави Симовски.

За пописот на нерезидентното население, Симовски вели дека е направен затоа што земјата има проблем со иселувањето и тие потоа не може да бидат дел од никаква друга категорија население.

„Ние како земја, категоријата нерезидентно население одлучивме да ја попишуваме затоа што имаме проблем со емиграцијата и тие податоци да се искористат за да се креираат политики да се намали емиграцијата и евентуално да се вратат луѓе, ама не може тие да бидат дел од никаква друга категорија население“, изјави Симовски.

НА ДРЖАВНО ЌЕ СЕ ВРАБОТУВААТ 31,5 ОТСТО АЛБАНЦИ ОТИ ТАКА СИ ПРЕСМЕТАЛ МИНИСТЕРОТ АЛИТИ, МЕСТО 24,3 ОТСТО КАКО ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ
Според методологијата која си ја усогласил министерот Алити, отсега во државните институции ќе се вработуваат 31,54 отсто Албанци, иако според бројките од последниот попис, Албанците се 24,3 отсто од резидентното население. До бројката од 31,54 отсто министерот си дошол додавајќи ги во пресметката бројките од нерезидентното население од последниот попис и плус си додал уште два отсто од 7-те отсто административно попишани. Алити е министер од јануари годинава, кога неговата партија Алтернатива влезе во владејачката коалиција.

Ваквата пресметка е спротивна на Законот за вработените во јавниот сектор, според кој распределбата на бројот на новите вработувања по припадност на заедница се прави според податоците од последниот попис на населението на територијата на Републиката Македонија.