ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА ПОД ЛУПА НА АНТИКОРУПЦИСКА : АКО УПРАВНИТЕ ОДБОРИ НЕ СИ ЈА ВРШАТ РАБОТАТА НЕКА ГИ НЕМА

0
675

Постапувајќи по пријава од непознат подносител за злоупотреби во ЈЗУ Општа болница Охрид, Државната комисија за спречување на корупција ја нагласи потребата и од одговорност кај членовите на колективните тела, во случајот Управниот одбор на болницата, а не само за поединечна одговорност на вршителот на должност директор.
Имено, проверката на ДКСК за пријавените злоупотреби од страна на вд директорот на оваа болница, откри дека Управниот одбор на болницата не си ја вршел својата работа за избор на директор на болницата, согласно член 108 од Законот за здравствена заштита.

-Лицето е двапати вд директор на болницата без објавен конкурс од страна на Управниот одбор, а помеѓу тоа еден период извршува функција и без мандат. Прекршен е чл. 108 од Законот за здравствена заштита. УО два пати не ја врши својата должност како раководен орган, бидејќи директорот е само работен орган. Во овој случај колективните тела не ја играат својата улога. Овој предмет треба да покрене инцијатива за утврдување на одговорност. Од друга страна, чл. 102 од Законот за здравствена заштита предвидува разрешувања на членовите на УО кога не ги исполнуваат законсктие обврски. Не смее да има толеранција никој да не се казни, и министерот за здравство можел да укаже за овој проблем. Секој е должен да информира, па и УО треба да укаже. Мора да има одговорност и во колективните тела. Нека ги нема или нека работат како што треба, рече Нури Бајрами од Антикорупциската комисија кој реферираше за овој случај.

За овој случај Министерството за здравство потврдило дека не е распишан конкурс за именување на директор на оваа општа болница, туку лицето ја вршело со решение на 1.12.22 на министерот за здравство. ФЗОМ по извршените контроли констатирало дека лицето откако првпат поминало шест месеци на вд директорската позиција, немало јавен оглас од Управниот одбор, а новиот министер за здравство пак го именува за вд директор.

-Оваа појава станува чудна – да се инертни сите институции и спротивно на закон да поставуваат раководно лице, мора да има одговорност кај сите. Ова не е слабост туку грубо кршење на законите. Неказнивост која резултира со продолжување на кршење на законите, што е спротивно на сите европски стандарди и прописи. Упатувам јавен повик до министерот за здравство, Министерството и Државниот здравствен и санитарен инпекторат кои се надлежни да се преземат мерки оваа пракса да престане, дециден е Бајрами.Антикорупциска ги проверувала и наводите дали вд директорот со својот брат адвокат склучувал договори за застапување на вработените и му исплатувал средства за тоа, но ги отфрли како неосновани, согласно прибавената документација од надлежните институции.