ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗАТВОРИ НЕКОЛКУ ЛАНЦИ НА ГОЛЕМИ МАРКЕТИ ВО СКОПЈЕ И СТРУГА ПОРАДИ НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ

0
436

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, на Фејсбук објави дека инспекторите казниле ланци на големи маркети во Скопје, односно во населбите Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел, и во Струга. Тој вели дека нема да има компромис, ниту селекција во постапувањето на инспекторатот со ниту еден трговец, кога станува збор за интересот на граѓаните.

„Во повеќе наврати напоменав дека секој мора да ги почитува законите и Одлуките на Владата. Исто така, нема да дозволам никој да ги манипулира и доведува во заблуда граѓаните – потрошувачите! Денес казнети се и затворени повеќе ланци на големи маркети во Скопје (Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел) и Струга“,објави Трајковски.

Државниот пазарен инспекторат уште од средата ги проверува маркетите дали ја почитуваат одлуката на Владата за поевтинување на 24 категории основни прехранбени производи кои треба да се продаваат по цени за 10 отсто пониски од оние на 1 август годинава.