Од 25 до 27 септември, Општина Прилеп ќе биде дел од најголемиот светски настан за женското здравје Race for the Cure

0
781
Од 25 до 27 септември, Општина Прилеп ќе биде дел од најголемиот светски настан за женското здравје Race for the Cure, настан кој им помага на организациите за рак на дојка во Европа, да обезбедат средства и да ја подигнат јавната свест за оваа болест.
Во таа насока, со претседателот на здружението за борба против ракот „БОРКА – За секој нов ден“, Биба Додева, ги договоривме деталите околу организацијата и вклучувањето на Прилеп во настанот Race for the Cure.
Со 500.000 ново дијагностицирани и 130.000 починати од рак на дојка во Европа на годишно ниво, како и над 1.200 нови случаи и повеќе од 400 починати само во нашата држава, средствата собрани од овој настан се од клучно значење.
За таа цел, оваа година се организираат 30 трки во 30 земји во Европа, со вкупно 300.000 учесници. Кризата со коронавирусот беше инспирација за здружението „БОРКА – За секој нов ден“, заедно со европската непрофитна организација за борба против ракот на дојка, Think Pink Europe, да ја подигнат јавната свест и да ја издигнат трката на повисоко ниво.
За прв пат, настанот во нашата држава ќе се одржи во 14 градови, меѓу кои и во Прилеп. Race for the Cure, трката и прошетката, ќе се одвива во текот на три денови, со главен настан кој ќе се одржи на 27 септември.