Од денеска задолжително носење маски на отворено, освен при спортување, во угостителски објекти, возило…

0
736

Од денеска задолжително е носењето на маски и на отворен простор, откако синоќа македонското Собрание ги донесе измените на Законот за заштита на населението од заразни болести. Неносењето на заштита на лицето ќе се казнува со 20 евра.

„Носењето на лична заштита на лицето е задолжително при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично. Граѓаните ќе треба да носат респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично“, потсетува Министерството за здравство на новите мерки за заштита од заразната болест кои синоќа беа изгласани во Собранието на Македонија.

Оваа мерка нема да важи при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита, при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лица со кои заедно живее, при престојување во двор на семејна куќа или во угостителски објект со почитување на протоколите за заштита. Мерките за носење на маска не важат за лица помлади од шест годишна возраст и за лица со посебни потреби и пречки во развој.

За неносење на маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра.

Министерството за здравство апелира до сите граѓани да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19. Носењето на заштита маска, одржувањето на физичка дистанца и миењето на раце се единствените мерки кои можат да го спречат ширењето на вирусот.

„Да бидеме одговорни и совесни, да го зачуваме нашето здравје, но и здравјето на нашите најблиски”, апелира Министерството за здравство.

Со законските измени, самоизолацијата е задолжителна при тестирање за ковид-19, од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува ако резултатот е позитивен. За прекршување на самоизолацијата казната е 50 евра.

Измените на законот вчера беа донесени со 53 гласови ЗА, 26 воздржани, а немаше пратеници кои гласаа против.

Извор : МКД.МК