Од анкетата на ИРИ можат да се извлечат корисни заклучоци, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека резултатите од анкетата не го изненадуваат, имајќи ги предвид контекстот и времето кога е направена септември-октомври, по прифаќањето на францускиот предлог, што според него, имало влијание врз нив. Значи тоа се случуваше во месец јули, а анкетата е во месец септември, што секако дека влијае врз расположението на граѓаните и градењето на перцепциите. Во тој период беше направена голема хистерија во однос на европскиот предлог, што тој ќе предизвика, дека Македонците ќе го изгубеле својот јазик, дека ќе сме изгубеле идентитет. Тоа го правеа опозицијата и, пред се Левица со нивниот заложник ВМРО – ДПМНЕ и тоа сигурно дека влијаело врз перцепциите на граѓаните, рече Ковачевски.
– И само се потврдува дека ако го гледате делот на одговорите на испитаниците, тогаш практично зборувајќи за себе, бидејќи опфаќа десет месеци од моето назначување за претседател на Влада, свесноста за работата растела со 1,44 проценти на месечно ниво, што е прилично голем процент, смета Ковачевски. Ако гледаме во однос на политичките рејтинзи, додава тој, тогаш исто така и тоа е респектибилно со оглед на десетмесечниот период на управување со Владата, посочувајќи дека со владините политики очекува на следната анкета резултатите ќе бидат подобри. Ковачевски не сакаше да го коментира нискиот процент на доверба во правосудството во анкетата, бидејќи, како што рече, тоа е прашање за правосудните органи. Запрашан за тоа дали „министерот за правда ќе биде реконструиран доколку продолжи ваквиот тренд во правосудството”, Ковачевски истакна дека надлежностите на министерот се да носи законски решенија за работата на правосудната фела и да обезбеди буџет.
– Во однос на правосудството ќе повторам јас не учествувам во какви било одлуки, ниту пак ќе се случи тоа во иднина. Истото се однесува и на министерот за правда, што значи сите одлуки кои што во кадровскиот дел ги носат судовите и обвинителствата се одлуки во исклучива надлежност на правосудните органи. Министерот за правда има обврска да носи законски решенија кои се однесуваат на унапредување на работата на правосудната фела и да обезбеди буџет, рече Ковачевски. Тој истакна дека не е планирана реконструкција на Владата, посочувајќи дека во овој период интензивно се работи на презентирање буџетите за следната година. Според премиерот Ковачевски, следен значаен заклучок од анкетата е дека ние се наоѓаме во период на најголема економска и енергетска криза после Втората светска војна и сите сме свесни за растечката инфлација во целиот свет, особено во Европа.