ОДРЖАНА ПРВАТА СРЕДБА МЕЃУ ВМРО-ДПМНЕ И ЗНАМ ЗА ИДНА МОЖНА ВЛАДИНА КОАЛИЦИЈА

0
125

Преговорите меѓу коалициските партнери за идната Влада се во напредна фаза, но се уште нема конечен договор и се до официјално моментот кога ќе може да се соопшти нема да соопштуваме никакви детали, велат од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајаќи дека се разговара и за ресори.

Додека преговорите за идната Влада со „Вреди“ се во напредна фаза, доцна синоќа од Движењето ЗНАМ информираа дека била одржана средба за соработка на ниво на потпретседатели на партии.

Во просториите на Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ синоќа, како што информираа од партијата, се одржала средба за соработка на работните групи на Движењето ЗНАМ и на ВМРО –ДПМНЕ, на која се разговарало за стратешките определби, политичките начела и политичката платформа за соработка.

Од страна на Движењето ЗНАМ на средбата присустувале генералниот секретар, Горан Минчев и потпретседателите Весна Бендевска и Павле Арсоски, додека од страна на ВМРО-ДПМНЕ, потпреседателите на партијата Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски.

– Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, својата платформа ја темели на идеолошките столбови на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, а тоа се Македонија современа, демократска, европска држава, втемелена на илинденските и асномските вредности, интеграција на земјата во Европската унија на достоинствен начин; потоа Република Македонија држава во која има правда за сите и нулта толеранција за корупција; Македонија како самоодржлива држава која ќе произведува доволно храна и енергија за своите потреби, забрзани и ефикасни реформи во економијата и социјалните политики во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и стабилни меѓуетнички односи, се вели во соопштението од ЗНАМ.

ВМРО-ДПМНЕ, претходно излезе со став дека имаат консолидирано 61 пратеник. Новата влада, како што претходно најавија од ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде формирана до 20-ти јуни.

За вторник, 28 мај, е закажана конститутивната седница на новиот парламентарен состав. Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата ВЛЕН 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.

Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на собранискиот претседател.

На состанокот присуствувале Никола Мицески од Коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ; Оливер Спасовски од Коалицијата за европска иднина – СДСМ; Арбер Адеми од Коалицијата „Европски фронт“; Халил Снопче од Коалицијата „Влен“; Борислав Крмов од партијата Левица и Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. На состанокот присуствувале и Мерита Колчи Коџаџику, како највозрасна пратеничка, како и генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова.