НЕ Е ФЕР МЕРКИТЕ ПРОТИВ „НЕФЕР ПРАКТИКИ“ ДА УДРАТ ПО НАШИОТ ГРБ! ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НЕ ВЕРУВААТ ДЕКА ЗАКОНОТ И ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ЗАШТИТАТ ОД ТРГОВЦИТЕ

0
117

Земјоделците не очекуваат реална цена на своите производи бидејќи немаат воспоставени директни врски со крајните трговци, а во преговорите со трговците откупувачи секогаш добиваат цена пониска од производната или на ниво на производна.Земјоделците не очекуваат никакви промени во однос на цените на нивното производство со примената на законот за нефер трговски практики, бидејќи досегашното искуство им покажало дека секој потег на државата за намалување на цените кај нивните производи паѓал на нивниот грб. Тие сметаат дека тоа е така бидејќи немаат воспоставени директни врски со крајните трговци, а во преговорите со трговците откупувачи секогаш добиваат цена пониска од производната или на ниво на производна. Не очекуваат, како што велат, тој однос да се промени преку ноќ со новиот закон.

– Нашиот производ речиси и да не го продаваме директно на зелените пазари и во маркетите. Тој стига на тезгите и во маркетите од втора рака, односно преку трговците откупувачи кои во основа се нефер кога ја утврдуваме пазарната цена на производот.

Таа најчесто или е под производната или малку повисока од производната па оние очекувани 20, 30 до 50% приход кој треба да го добиеме од производството или не го остваруваме или е еднакво на нашите трошоци. Речиси и да нема производна година во која сме добиле реална цена на производот или некакво нејзино зголемување при откупот. Такви години можат да се избројат бидејќи биле резултат на некакви движења кај самите трговци – откупувачи или во регионот и пошироко, но не биле резултат на тоа дека откупувачите сфатиле дека треба да плаќаат реално за она што го откупуваат. Во овој дел треба да направиме напори да се почувствуваат некакви поместувања, за да не се случи македонското производство на храна да го немаме за неколку години. Процесот е почнат бидејќи голем дел од земјоделците не се снаоѓаат добро и не успеваат да ги покријат трошоците и поради високи загуби се откажуваат од земјоделството – вели Љубе Пампилески од Здружението на овоштари од Преспанскиот регион.

Според него, за да се формира правилно пазарната цена на земјоделскиот производ и земјоделецот да биде задоволен треба да се воспостави еднаков однос меѓу производителите, трговците под надзор на државните институции или поголема можност да им се даде во преговорите на здружените земјоделци и задруги.

– Реалната цена на нашиот производ би требало да почива на критериумите трошоци за производство плус 50% добивка, но ако ги гледаме реално тие се далеку од тоа.

Кога земјоделецот би го продавал директно својот производ тогаш цената би била во просек за речиси половина пониска од онаа што сега ја има на пазарите. Ако производната цена е 15 денари на пример, со директна продажба би достигнала до најмногу 40 денари бидејќи тука би влегла и цената на превозот и добивката, но со продажба преку откупувачи на пазарот ќе достигне до 60 денари, а во маркетите ќе биде уште повисока. Сепак, ние како производители не можеме да наоѓаме заобиколни патишта за да стигнеме до потрошувачите и да достигнеме повисока реална цена, туку главно сме насочени коn пласман преку откупувачи – вели тој.

Градинарите не очекуваат многу од законот за нефер трговски практики бидејќи не се сигурни дека откупувачите ќе бидат фер со нив, а практиката покажала дека секој обид од страна на државата за намалување на цените на земјоделските производи го почувствувале на својот грб со намалување на откупните цени.

– Нашата производна цена, која треба да биде израз на трошоците и одреден процент на заработка, никогаш не е утврдена според овој критериум, туку се утврдува директно според побарувачката, односно според желбата на откупувачите. Најчесто и откупната и пазарната цена е под производната и редовно сме во загуба со нашиот производ.

Еве, го повикуваме министерот за земјоделство да насади некаков градинарски производ и потоа нека бара да се применува законот за нефер трговски практики со кој се очекува цените на производите да бидат пониски од сегашните. Знаете каде ќе се намалат тие цени? Да, кај нас индивидуалните производители, бидејќи државата не успеа да формира цена на ниту еден земјоделски производ под која тој не смее да се продава.

Пазарот за земјоделецот секогаш е нефер, бидејќи неговиот производ се откупува по една цена, а се продава на крајниот купувач по многу повисока цена и затоа предупредување да не се чепка повторно по џебовите на земјоделците кои веќе и ги немаме – вели Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикатот на земјоделците во Струмичкиот регион.

И Петре Стојкоски од Сојузот на земјоделци вели дека проблем при договарањето на откупните и пазарните цени на земјоделските производи е тоа што никогаш не се зема предвид производната цена или реалната цена.

– Практиката покажа дека откупната и пазарната цена секогаш се пониски од она што го троши земјоделецот во процесот на производство. Никој не гледа дека секоја сезона имаме нови цени на ѓубрива, семиња, на заштитни средства, а да не зборуваме на услужните дејности како ангажирање трактори, комбајни, дека и надницата на ангажираните работници секоја година расте.

Државата треба да види како нашиот производ, кој нема ни производна цена, стигнува кај потрошувачите неколкупати поскап од онаа која ние ја утврдуваме како производна. За да нема недоразбирање и да не слушаме дека земјоделците ги зголемиле цените на овошјето, зеленчукот или житарките, сеедно за кој производ станува збор, ги повикувам граѓаните наместо да одат на зелени пазари и во маркети од втора или трета рака, да купуваат производи директно од земјоделците односно од прва рака. Тогаш ќе видат колкава е разликата на цената од нива до трпеза и кои се реалните цени на овие производи – вели Стојкоски.

Земјоделците, сепак, се согласни дека цените на нивните производи во земјава се далеку под цените кои овие производи се продаваат во другите земји, па се надеваат дека дел од производот ќе успеат и да извезат за да можат да покријат и дел од загубата што ја прават со продажбата на производите на домашниот пазар.
Сите очекуваат во државава да почне да се размислува повеќе за тоа зошто земјоделците ги напуштаат нивите и заминуваат од државата. Велат дека реалноста еден ден ќе нè освести, но ќе биде доцна бидејќи нема да има домашно земјоделско производство.