Неопходен е по 25 години нов закон за разузнавање, предложениот е прифатлив но му треба додефинирање

0
737

Неопходно е да се донесе нов Закон за Агенција за разузнавање, со оглед на тоа што се уште работи по Законот од 1995 година, е заклучокот од денешната јавна дебата на седницата на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, на која претставници од експертската јавност, граѓанскиот сектор и од АР се изјаснија дека е пожелно наместо по скратена постапка, законот да биде ставен во редовна постапка со цел да се додефинираат одредени недостатоци. Сепак, констатираа, добро е да се донесе во пресрет на предвремените парламентарни избори и очекуваното полноправно членство во НАТО на нашата држава.

Интегритетот и ветингот на вработените во АР, преклопувањето на надлежностите со АНБ и со Военото разузнавање, парламентарниот и граѓанскиот надзор, надворешната и внатрешна контрола, безбедносните сертификати „ државна тајна“ за сите вработени, методологијата за собирање на разузнавачки информации, но и статусот и заштитата на прикриените агенти во странство, беа дел од забелешките изнесени на дебата, за кои експертите сметаат дека треба да бидат допрецизирани. Спорни се и некои од критериумите за избор на директор на АР. Позитивно се оценети забраната за двојно државјанство и забраната за членство во политичка партија и вршење дополнителна дејност.

Претседателот на Комисијата и еден од предлагачите на Предлот-законот за АР, пратеникот Хари Локвенец смета дека четвртиот и последен закон поврзани со реформата на безбедносниот и разузнавачки сектор, законот за АР, покрај оние за ОТА, за АНБ и за Советот за координација на безбедносно разузнавачката заедница, треба да се донесе по скратена постапка и меѓу другото е согласно забелешките и препораките не само од европските, туку и од НАТО пријателите. За пратеникот Емил Димитриев од ВМРО – ДПМНЕ овој закон предмет на јавна расправа е еклатантен пример дека на „шверцерски начин“ се нудат решенија што регулираат сфера многу важна за нашата држава. Како опозиција, потенцира, апсолутно сме убедени дека има потреба од носење на овој закон, но не на ваков начин.

– Ќе се подобри интероперабилноста на функционирање на АР во контекст на НАТО и европското здружување. Законот го регулира и прецизира начинот на извршување на задачите, употребата на методите и средствата за работа на АР. Исклучително важно е што ги уредува правата и обврските на вработените, ќе се зајакнат професионалните стандарди и интерните процедури во насока на заштита на класифицираните податоци, појасни Локвенец.

Ставот на Димитриев е дека овој закон требаше да биде дел од пакетот закони за реформи од безбедносната сфера.

–  Имам многу забелешки за законот, мислам дека Парламнетот треба да размисли дали треба да продолжи со оваа процедура или да остави доволно простор да се направи квалитетен закон за што ќе добие поширока општествена поддршка, рече пратеникот Димитриев.

Според Александар Стојановски од Евро тинк Предлог-законот е солиден чекор напред во корегирање на слабостите од актуелниот Закон за АР, но страшно е, рече, што досега одредени механизми предложени во не биле дел од функционирање на една модерна Агенција за разузнавање. Повика, пратениците и од власта и од опозицијата да ги тргнат политичките ставови и да направат нешто добро за државата.

За професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност законскиот текст е прифатлив, но има забелешки во делот за тоа како ќе се гради интегритетот на вработените, за ветингот, за статусот на соработниците кои им се потребни на безбедносните служби.

Гроздан Цветковски од АР истакна дека нов зкаон за АР досега не бил донесен поради немањето политичка волја од сите досегашни влади, од една страна, како и, подвлече, монополот од тогаш УБК, но и поради конформизмот внатре во Агенцијата. Упати забелешка во однос на методите и средствата и укажа дека тие никаде не се пропишуваат со закон и како пример посочи на андеркавер работи, двојна комбинација, симулатно претставување и лажен идентитет, како категории во разузнавањето.

– Едноставно бевме навикнати на својот конфорт и не не интересираше друго. Постоевме бидејќи АР мораше да постои, рече тој.

Цветковски се осврна на преклопувањето на надлежностите на АР, АНБ или екс УБК и Военото разузнавање. АР потенцира тој, е единствената безбедносна институција што врши стратешко разузнавање, АНБ е контраразузнавачка служба внатре во државата, додека Военто разузнавање врши тактичко или „трупно“ разузнавање во пределот на границата односно 20 до 50 километри до границата.

– Ние имаме информации кои за ист случај или за иста личност, информациите се сосема во различни верзии и со различни погледи за иста работа, рече меѓу другото Цветковски.

За Александар Нацев од Европскиот Универзитет Предлог-законското решение, како што рече, или го пишувале безбедносни аналфабети или е смислено конструирано решение по нечиј терк за да задоволи одредени апетити. Според него, во законот меѓу другото се недостатоци се анализа за финансиски импликации, употребата на разузнавачките продукти во криминални и безбедносни истраги согласно Законот за кривична постапка, се дозволува и енормно овластување на директорот на АР, а работата на АР ќе биде апсолутно не транспарентна.

Поддршка за Предлог-законот даде директорот на Дирекцијата за класифицирани информации Стојан Славевски, кој посочи дека даденото решение не е идеално, може да биде подобро особено во делот на механизмите за контрола, меѓутоа е добро да се донесе затоа што тоа ќе биде од корист пред се на националната безбедност на државата.

Пратеничката Фросина Ременски изрази разочараност во однос на делот од Предлог-законот за парламентарниот надзор и на контрола,  посочувајќи дека отсуствува сериозен пристап. Не е добро, рече, што не стои обврската на директорот на АР да поднесува извештаи до собраниската надзорна комисија и програма за работа, што беше досегашна обврска согласно законот.

– Особено недостасува, претставува ограничување што не може да направи пратеник во парламентарен надзор, а никаде не стои што може да направи пратеникот од парламентарен надзор. Тоа е главниот хендикеп на сите законски решенија и практики од аспект на парламентарен надзор, рече Ременски.

Таа нагласи дека каскаме зад современите европски практики, за тоа што може парламентарниот надзор  да побара, што може да открие и под каква лупа може да стави сериозни прашања, рече, што се од надлежност на овие безбедносни служби.