МНР : БУГАРИЈА НЕ НАПРАВИ ДОВОЛНО НАПОРИ ДА СПРЕЧИ ПРИСТАПУВАЊЕ НА РАДИКАЛНИ ПОЕДИНЦИ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ДЕВЕ БАИР

0
428

Министерството за надворешни работи (МНР) соопшти дека со жалење констатира оти во пресрет и по одбележувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев во Северна Македонија, радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон земјава и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и државата.

МНР укажува дека во согласност со македонскиот Устав, законите и меѓународното право, надлежните институции на Северна Македонија биле должни и ги преземале сите неопходни мерки за да спречат провокации, тензии и инциденти кои можат да ја загрозат националната безбедност, јавниот ред, здравјето на луѓето и меѓународните односи на државата.

„И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија. Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки“, велат од МНР.

Министерството додава дека ќе упати писмо до Европскиот парламент во кое ќе информира за недоличното и навредливо однесување на бугарскиот европратеник Александар Јорданов на социјалните мрежи.
МНР ги демантира и наводите дека со Бугарија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев. На официјалната бугарска делегација, пак, МНР додава оти како искрен гест ѝ било овозможено непречено да положи цвеќе пред гробот на Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

„Потсетуваме дека една од задачите на Заедничката експертска комисија за историско – образовни прашања, формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, е да изготви препораки за заедничко чествување на историски личности. До овој момент, Заедничката комисија нема изготвено препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев“, се вели во соопштението на МНР, во кое се додава оти се очекува од властите во Република Бугарија да се заложат и да ги преземат сите неопходни дејствија за деескалација на тензиите преку јавна осуда и преземање мерки против сите дејствија кои не придонесуваат за водење конструктивен и добронамерен дијалог.

Реакцијата на македонското МНР следува откако бугарското Министерство за надворешни работи вчера преку соопштение рече дека одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев не придонело за наградување на меѓудржавните односи меѓу Софија и Скопје, откако стотина бугарски граѓани не успеаа да влезат во земјава поради технички проблеми на граничните премини.