МЛАДИТЕ СЕ НАЈЗАГРОЗЕНИ, ЗЛОУПОТРЕБЕНИ, БЕЗ ПАРТИСКА КНИШКА НЕ МОЖАТ ДА НАПРЕДУВААТ – ПЕНДАРОВСКИ НА ИЛИНДЕН АЛАРМИРАШЕ ЗА ЕГЗОДУСОТ ВО МАКЕДОНИЈА

0
631
Додека младите луѓе во минатото беа двигатели на двата Илиндена., први се кренаа во борбата против фашизмот и станаа најборбеното јадро на Народноослободителната војска, младите денес се загрозено малцинство и масовно се иселуваат. Со ваков став и жестоки критики за корупцијата, како главен двигател на иселувањето излезе претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање по повод 2 Август – Денот на Републиката.

„Младите се клучни за општествена трансформација. Во речиси секој подвиг кај нас, се вклучени младите луѓе. Но за нивниот критичен глас да доведе до општествена промена, младите мора да бидат и критична маса во општството. Наместо тоа – младите луѓе се загрозено малцинство“, рече Пендаровски.

Говорејќи за иселувањето, претседателот кажа дека уделот на младите луѓе во населението опаднал од 28 проценти во 1970, на само 16 отсто во 2021, а веќе ги достигнавме демографските проекции на Обединетите Нации за 2030 година. Со ова темпо, вели Пендаровски, постои опасност да ја достигнеме критичната демофрафска точка.

„Сите ја знаеме причината за овој егзодус. Успешните млади луѓе кои си заминуваат во туѓина се чувствуваат оттуѓени во сопствената држава. Од независноста младите се маргинализирани и сведени на пасивни приматели на политиките. Младинската енергија е често злоупотребувана за теснопартсики цели и интереси. Секој втор млад човек не верува дека неговиот глас на избори ќе донесе промена, се помалку млади луѓе веруваат дека со личен труд можат кариерно да нпаредуваат, затоа што партиската книшка, роднинските врски и етничката припадност се често поважни од знаењето и квалитетот. Со тоа се отвора широка врата за корупцијата, а секоја коруптивна трансакција на пари и моќ воспоставува двојни стандарди, ја поништува еднаквоста пред законите, ја руши довербата во институциите и конечно ја обезвреднува државата“, рече Пендаровски.

Заклучи дека корупцијата е една од главните причини за масовното иселување, а самото иселување е крајниот протест на младите луѓе.Тешко е да се дојде до слободна држава, рече Пендаровски, но уште потешко е да се изгради слободно, праведно општетсво.