МИЦКОСКИ ЗА СЛУЧАЈОТ НА ОНКОЛОГИЈА : ОДГОВОРНИТЕ ТРЕБАЛО ДА ЗНААТ ШТО СЕ СЛУЧУВА, А НЕ ЗНАЕЛЕ, НЕКОЈ ПРАВЕЛ КРИМИНАЛ НА СМЕТКА НА СМРТТА НА ЛУЃЕТО

0
211

„Од тоа што сум информиран работата би требало некаде да кулминира кон крајот на следната недела, в петок. Од она што сум информиран од пратеничката Рашела Мизрахи. Утрово имавме подолг разговор на таа тема. Од она што можам накусо да заклучам дека одговорните требало да знаат што се случува, а не знаеле“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од населеното место Орман при одговарање на новинарско прашање за случајот на Онкологија.

Мицкоски додаде дека пациентите требало да добијат соодветна терапија, а не ја добиле.

„Некој ги прекршил законите и овластувањата. Некој правел криминал на сметка на смртта на луѓето. Тоа требало МВР да го истражи изминативе години. Овој скандал почнува од 2019 година. И не само што не го истражува, туку се обидува и да го заташка“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека некој свесно или несвесно системот за контрола го прекинал.

„Има многу, многу непрецизности, недоследности, многу основани сомневања за криминал, многу основани сомневања за прекршени овластувања. И ценам дека резултатот од сето ова ќе биде навистина поразителен, нечовечки, нехуман. И ако оваа Влада не се зафати со сериозна одговорност, тогаш јас ви ветувам дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе темелно бидејќи сега веќе имаме сериозни индиции и докази за она што се случувало, темелна истрага, и тука мора да има одговорност“, потенцира Мицкоски.