МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ НА УВИД НА 78-ОТ РЕКОНСТРУИРАН ОБЈЕКТ НА МВР-ЕБР ВО ГАЗИ БАБА

0
367

Денеска, (13.11.2022) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со висока делегација од Министерството за внатрешни работи, како и со претседателот на Владата на Република Северна Македониja, Димитар Ковачевски и Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, по повод Денот на ослободување на Скопје присуствуваа на промоција на 78-от реконструиран објект на Министерството за внатрешни работи – Единицата на Внатрешни Работи Гази Баба, при СВР Скопје.

По извршената обиколка и преглед на реконструираниот објект Полициска Станица од Општа Надлежност Гази Баба, министерот Спасовски оствари работен состанок со раководството на СВР Скопје и ПС ОН Гази Баба, при што го посети и Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи-Скопје, по што следеше изјава за медиумите. Интегрална изјава на министерот Спасовски:

Почитувани претставници на медиумите,

Дозволете ми најпрво во свое име и во име на Министерството за внатрешни работи на сите скопјани да им го честитам 13. ноември, Денот на ослободувањето на градот Скопје, а убавиот празничен повод денеска го искористивме заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија г. Димитар  Ковачевски, раководството на МВР и  претставниците на локалната самоуправа на општината Гази Баба на чело со градоначалникот г. Бобан Стефковски, да бидеме сведоци на уште еден реализиран проект на Министерството за внатрешни работи, целосната реконструкција и санација на објектот на Единицата за внатрешни работи Гази Баба при СВР Скопје.

Со посебно задоволство би сакал да потенцирам дека за една година успеавме целосно инфраструктурно да го реконструираме и санираме, објектот на ЕВР Гази Баба во сите суштински сегменти, притоа запазувајќи ги сите современи градежни стандарди, вклучително и стандардите за енергетска и еколошка ефикасност и заштита.

За таа цел исклучиво со средства од буџетот на министерството, како што впрочем е наша пракса во сиве овие години наназад, беа издвоени околу 27 милиони денари, со што денес ја надополнуваме листата на реконструирани, санирани или новоизградени објекти на министерството од 2017 година наваму за уште еден објект, односно вкупно 78 објекти.

Инфраструктурата на која било институција, пред се во поглед на  материјалната и техничка опременост и стандардизираност, без  дилема – е еден од основните предуслови за нејзино ефикасносно и квалитетно работење, а со тоа и  сосема беше разбирлив нашиот стремеж и одлука да тргнеме во процесот на надминување на претходните состојби на овој план и да се обидеме да воспоставиме модерни инфраструктурни стандарди на функционирање како на полициските службеници така и на нивните средства за работа, на објектите и на нивната  опременост, ефектите се јасни и видливи.

Кога станува збор за овој најнов реализиран проект, реконструкцијата и санацијата на  објектот на ЕВР Гази Баба, сакам да потенцирам дека во овој домен квалитетно е решен и просторниот проблем на Отсекот за оружје, експлозивни  и опасни материи-Скопје при Одделот за граѓански работи, но и  на Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје, што секако во многу ќе го подигне квалитативното ниво на работа на овие и тоа како важни организациони единици .

Во периодот пред нас продолжуваме со планот на материјално-техничко подобрување на условите за работа на сите наши организациони единици, тоа останува наш императив кој што мора континуирано да ги следи сите крупни реформски исчекори на институцијата, заокружувајќи еден концепт на унапредување и модернизирање на полициската служба во целост.