(ВИДЕО) Помалите партии на дебата на Цивил – нема услови за фер и демократски избори

0
1236

ЦИВИЛ – Центар за слобода денес одржa успешна јавна дебата во скопскиот хотел „Сити Парк“, со претставници на политичките партии кои не се дел од преговорите за надминување на политичката криза, а кои развија богата дискусија и полемизираа за причините што цела деценија ја туркаат Македонија во ќорсокак.

На дебатата „Плурализмот и политичката криза“, учествуваа 11 лидери и високи претставници на политички партии и политички иницијативи, а присутни беа активисти од невладини организации, дипломати и претставници од пет амбасади и претставници на медиумите.

 

Петрит Сарачини како воведничар на ЦИВИЛ, при отварањето на дебата рече дека мора да се чуе ставот на целото општество и дека целта е да се слушнат различни мислења и од партиите кои не се вклучени во Договорот од Пржино за надминување на политичката криза.

Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала истакна дека секое мислење е добродојдено и секоја партија е доволно голема за да даде свој придонес кон решавање на актуелната криза.

„Без разлика од која партија доаѓаат ставовите, за нас нема мала политичка партија, секоја партија е голема според нејзините идеи и ставови. Имаме позитивна енергија за комуникација и соработка, овие партии воопшто не се мали и имаат доверба кај граѓаните. Сé уште не се исполнети условите од Договорот во Пржино, а ситуацијата на теренот е полоша од било кога“, рече Дерала.

Според Синиша Станковиќ уредник на ЦИВИЛ Медиа, медиумите во Македонија се под цврста контрола на власта: „Ќе се бориме и понатаму, медиумите да излезат од железната прегратка на партизираната држава, преку нашата продукција на Интернет, но, ако треба, како и досега, и со ‘вести во живо’, во директни средби со граѓаните на плоштадите на македонските градови.

По излагањата на претставниците на ЦИВИЛ, дебата ја започна Лилјана Поповска од ДОМ, според која, распуштањето на парламентот претставува упад во договорот за надминување на политичката криза.

„Побаравме широка вклученост на сите партии и граѓански организации, но нашиот глас не беше испочитуван“, рече Поповска.

Влера Ејупи од ЛРДПА, упати апел да се престане со наметнување на авторитет преку насилство. Таа истакна дека образовниот систем направи партиски војници и ги уништи младите луѓе: „Зборот слобода е свет збор. Ние немаме слобода на улица, на работа, како политички партии…“, истакна Ејупи.

Јанко Бачев од НДМ, зборуваше за слабостите на ревидираниот Изборен законик. Тој истакна дека поранешниот премиер Никола Груевски и опозицискиот лидер Зоран Заевги мамат граѓаните и дека внеле одредби во законикот кои се катастрофални за помалите партии.

„Ние не треба да се грижиме за опозицијата, туку треба да го разбиеме двопартискиот систем кој владее во Македонија“, смета Бачев

Фатон Алити од ПДП изјави дека Македонија се наоѓа во длабока економска, социјална и политичка криза.

„Пржинскиот договор ќе обезбеди само минимум услови за фер и демократски избори, но изборите нема да значат победа за никого“, рече Алити.

Сафет Бишевац од поранешната Санџачка лига, обвини дека бошњачката партија која коалицира со ВМРО-ДПМНЕ е само приврзок и дека таквите партии обично добиваат по неколку вработувања поради својот послушнички статус. Тој навести дека доколку не се реши политичката криза преку дијалог, единствено на граѓаните им останува демократијата и условите за фер и демократски избори да ја бараат преку мирни протести.

„Ќе мораме да го притиснеме акуелниот политички естаблишмент за одложување на изборите, со протести“, рече Бишевац.

Самка Ибраимовски, од ромската партија ПЦЕР, тврди дека Ромите се најзлоупотребувана заедница во Република Македонија. Тој вели дека може да има избори само ако има попис и дека за Македонија е подобро да има една изборна единица.

„Предлагам да се земат картичките за здравствено осигурување и според нив, да се направи Изборен список“, рече Ибраимовски, од ПЦЕР.

Здравко Савески од Левица, партија во формирање, смета дека Договорот од Пржино нуди само минимум за враќање на демократијата.

„Ние мораме да инсистираме на апсолутно слободни избори. Мора да се инсистира на апсолутно демократски избори и плурализам, а власта да има чувство за критика“, рече Савески.

Африм Гаши од Беса рече дека во Македонија постојано се генерираат нови кризи.

„Постојано ни се повторуваат кризите. Македонија е нефункционална држава која не му служи на граѓанинот“, рече Гаши.

Марјан Огненовски од Обединети за Македонија повика на етничко обединување за уривање на режимот на Никола Груевски.

„Ние имаме една цел, треба да се окрупниме и да се обединиме етнички“, рече Огненовски.

Зулфи Адили од Унитети предупреди на губењето на довербата на Албанците во институциите на државата.

„Мора да го надминеме периодот кога се извикуваше ‘Гасни комори за Шиптарите!’“, рече Адили .„Помладите генерации ја напуштија Македонија затоа што имаме владатели кои се над Уставот, институциите и државата“.

Ивон Величковски од ЛП, рече дека материјалите доставени од ЦИВИЛ, соодветствуваат со анализите и на неговата партија. Тој истакна дека им треба поддршка од граѓаните за одложување на датумот за избори, за по изборите – да не размислуваме повторно за избори.

„Изборите мора еден ден да се случат, за да се заврши оваа криза. Без слободни избори кризата ќе продолжи. Потребно е ресетирање на системот“, поентираше Величковски.

Додека траеше дебатата, граѓаните поставуваа прашања на Твитер, користејќи го хаштагот #CIVILevent.

Едно од прашањата поставено до претставниците на политичките партии беше: Како мислите да ги привлечете младите?

Величковски: „Наместо да ги привлекуваме, ние нудиме платформа на која тие ќе можат да ги адресираат и застапуваат своите интереси“.

Гаши: „Ние сме партија која ја водат млади“.

Бишевац: „И младите и старите го имаат истиот проблем. Младите се иселуваат“.

Ејупи: „Ние имаме проблем со вистинско меѓусебно запознавање. Универзитетот во Тетово е уништен во последните неколку години“.

Адили: „Ние во нашиот статут имаме став дека најмалку 30 отсто од членовите на раководството мора да бидат млади… Сите етнички заедници треба да побараат одговор од државните институции што прават за младите“.

Савевски: „Младите ја изгубија надежта. Тие не заминуваат од земјата само поради немање работа, туку и затоа што општеството не им нуди никакви шанси за развој“.

Лидерите и претставниците на партиите одговорија и на новинарското прашање: Дали може да се очекува окрупнување на блокот на политички партии кои се против власта и евентуална поцврста коалиција?

Бачев: „Ние мораме да го надминеме бипартизмот“.

Адили: „Мораме да работиме со најмладите, за да ги научиме дека различностите се вредност. Идејата за окрупнување е добра и потребна“.

Бишевац: „Јас се согласувам со идејата за македонска верзија на (српскиот пример) ДОС“.

Огненовски: „Ние имаме една цел. Треба да се окрупниме и да се обединиме мултиетнички“.

Поповска: „Од изборите во 2013 година, ние се подготвуваме за избори. Природно е сите да сакаат да одат самостојно на избори. Ние на 7 февруари ќе се појавиме со нашата Програма. Но, доколку е потребно окрупнување, ние ќе се приклучиме. Услов треба да биде дополнителна промена во Изборниот законик и подеднакво учество на жените во политиката“.

Адили: „Груевски и Заев треба да работат на превенција од несреќите на Албанците“.

Величковски: „Ние предвидуваме измени и во Уставот кои ќе претставуваат суштинска еднаквост. Ако ја знаеме целта, повелете, да разговараме. Нека почне тој разговор од овде“.

Гаши: „Овој режим мора да падне. Ако се окрупниме, првиот чекор треба да биде уривањето на овој систем, а вториот, да се договориме каква Македонија сакаме“.

Савевски: „Борбата за слобода не може да биде монополизирана. Кај младите има големо разочарување и недоверба во партиите“.

Ибраимовски: „Потребно е Македонија да стане една изборна единица“.

На твитер прашањето дали медиумите се фер кон „малите“ партии, кое го надополни модераторот Сарачини со прашањето – „како да се промени ставот на медиумите кон нив?“, присутните имаа разни предлози и ставови.


DEBATA 02 02 by 24vesti

Алити го поддржа предлогот на Питер Ванхауте за медиумите, Бишевац предложи јавниот сервис МРТ секоја вечер да организира дебати во кои ќе учествуваат сите партии, Огненовски предложи формирање на телевизија зашто помалите играчи на политичката сцена, тешко можеат да се изборат за простор во комерцијалните медиуми, Ибраимовски обвини дека медиумите ја игнорираат неговата партија, а Поповска смета дека времето во медиумите треба да се распредели според Изборниот законик, но и преку регулирање на и ослободување на медиумите.

Величковски потенцираше дека ако се направи коалиција, можат да се освојат над 100.000 гласачи, што ниеден медиум нема да може да го заобиколи. За Гаши, Македонија живее во  информативен мрак, Адили смета дека во Македонија се прави класичен бизнис, а медиумите не ја исполнуваат својата улога, а Савески дека не смее да се ограничи изборот на директор на МРТ на пратениците, туку мора да се вклучи целата јавност и други фактори, како ЗНМ, и новинарскиот синдикат…

Видео – 24 Вести