МАРИЧИЌ ЗА УТРИНСКИ БРИФИНГ : СЕГА Е ВРЕМЕ ЗА ДОСТОИНСТВЕНО ЕВРОПСКО РЕШЕНИЕ СО БУГАРИЈА

0
830

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето на Утрински брифинг, говореше за текот на преговорите со соседна Бугарија, за економската поддршка од страна на ЕУ за справување со кризата, како и перспективите воопшто на процесот на европска интеграција на земјава.

Во однос на преговорите со Бугарија, вицепремиерот Маричиќ рече дека процесот не го врзува со датуми, но и дека доколку не се дојде до решение наскоро, трпението на двете страни ќе биде сигурно намалено и ентузијазмот за решавање исто така, коментирајќи ја тезата на Бугарија дека спорот може да се решава со децении, која според него е нереална, ниту пак може така да изгледа процесот на европски интеграции и сто години да трае, не може да има ефект на промена на идентитетот.

– Ние знаеме кои сме и што сме и знаеме дека нација не може да се создаде со одлука, ниту да се избрише со одлука, ниту пак тоа може да биде целта во 21 век, 2022 година, така што ние инсистиравме на едно достоинствено решение и до сега во текот на разговорите, кажа вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ потенцираше дека не се откажуваат од членството во ЕУ, не се откажуваат од реформите, ниту пак од желбата Северна Македонија да биде членка на ЕУ и европска држава со сите стандарди.

– Тоа е таа агенда од која оваа Влада нема никогаш да се откаже. Тоа не значи дека сме подготвени на какво било решение, на решение коешто би го нарушило нашето достоинство, идентитет и нашите интереси, истакна вицепремиерот додавајќи дека сакаат да продолжат разговорите со Бугарија во една пријателска насока, со цел да се најде решение, да се тргне ветото.

Во однос на справувањето со кризите кои се случија во првите 100 дена на овој владин состав, вицепремиерот Маричиќ истакна дека Владата прави напори со огромни буџетски средства да ги ублажи ефектите на сите кризи, истакнувајќи дека веќе се преземени конкретни чекори, односно се покачени пензиите, покачена е минималната плата, а секојдневно се разговара за изнаоѓање решенија за покачување на платите во поголем број сектори, а паралелно се разговара за увоз на гас, како и за обезбедување на основните прехранбени продукти.

Во овој контекст, тој информираше и за поддршката која ќе ја добие земјава од страна на ЕУ и тоа во значителен обем, со цел справување со последиците од кризата и нормализирање на домашните економски текови.

– Ние работиме на план за макрофинансиска помош, ги програмираме средствата за 2023 година веќе. Добивме сериозен економски пакет од Европската комисија за економски развој на регионот, за зелена агенда и за гасификација. Сето тоа се стратешки движења коишто нас не вклучуваат во европскиот систем. Впрочем и со снабдувањето на гас, Северна Македонија и државите од Западен Балкан се вклучени во пакетот за снабдување со гас на државите членки на ЕУ, посочи Маричиќ.​